Дали е можно? Истите што воведоа 72 часа, ветуваат скратено работно време
Автор: Бобан М. Илијевски
И Данска започна да ја тестира четиридневната работна недела. Некои други европски земји веќе ја воведоа. Македонија ја зголеми… на 72 часа.
Пред неколку дена објавив една интересна вест дека една мала македонска компанија воведува четиридневна работна недела и дека со тоа станува првата која ќе воведе ваков модел на работа. Мислам дека ова е една од нај-позитивните вести кои ги имам објавено во мојата петгодишна новинарска кариера. Се надевам дека и некоја друга компанија ќе го следи овој пример и дека овој модел ќе стане тренд кој конечно ќе ја мотивира државата да започне еден експеримент на ниво на целата земја.
Од 72 на 35?
СДСМ ветува дека доколку дојде повторно на власт ќе го намали работното време во три сектори. Неодамна, Фатмир Битиќи го кажа следното: “Анализите се при крај и треба да бидат завршени. Ќе воспоставиме работна недела од седум часа дневно. Или наместо 40 часа работна недела – ќе биде 35 часа во одредени сектори.”
Во ред, легитимно е да се ветува, но како да веруваме на ова ветување, кога сведоци сме дека истите овие законски го зголемија работното време на 72 часа, наведувајќи дека тоа ќе важи само за стратешки проекти и оставајќи “дупки” кои можат да се злоупотребат од страна на одредени компании.
Од ССМ добро рекоа – контрадикторно е тие што воведоа 72 часа, да ветуваат скратено работно време.