ДАЛИ И КАЈ НАС СЕ ПОТРЕБНИ ТЕСТОВИ ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ТАЛЕНТИТЕ И ВЕШТИНИТЕ НА ДЕЦАТА УШТЕ ВО ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ?
Искуствата покажуваат дека поголем број ученици имаат тешкотии при изборот на занимањето и честопати истото го избираат по препорака на родителите или другарите, во кое не можат да се пронајдат – истакнаа од Стопанската комора.
Стопанската комора на Виена од 2013 година па наваму, спроведува тестирања на учениците во основно образование, чија цел е да се дознаат нивните таленти и вештини кои потенцијално би им помогнале да го изберат правилното образование или кариера.
Со оглед на тоа дека во Македонија голем проблем е расчекорот помеѓу понудата на и побарувачката на работната сила, најмногу поради немањето на доволно кадар за дејностите каде што истиот најмногу недостига, редакцијата на Работник ги праша засегнатите страни и експертите дали би можело и кај нас да се спроведува вакво тестирање.
Од Стопанската комора на Северна Македонија ни одговорија дека согласно воспоставениот образовен систем во Македонија, тие како бизнис организација не можат да спроведуваат тестови за проверка на талентот на децата, особено на деветтоодделенците. Сепак, како што велат, во иднина би можеле, во рамките на своето работење да воспостават Центар за кариера со оспособени стручни лица, преку кој, на барање на родителите би се обезбедувала помош и поддршка на нивните деца за правилно насочување при изборот на занимањето, што ќе биде во согласност со нивните афинитети и способности, а со тоа и упис во соодветно средно училиште.
Објаснија дека анализите на вработливоста и на образовниот процес укажуваат дека отсуствува планирањето и создавањето на потребен човечки капитал, што според нив, доведува од година во година да имаме сѐ помалку квалификуван кадар за потребите на бизнис секторот. Со ова се зголемува и побарувачката наспроти понудата на пазарот на труд.
– Затоа е потребно тестирање на учениците за нивните таленти и способности и нивно професионално насочување уште од основното образование, на што укажуваше Стопанската комора и инсистираше професионалната ориентација на учениците да влезе во новиот Закон за основно образование кој беше донесен во август 2019 година – велат од Комората.
Насочувањето на учениците, објаснија од Комората, во насока на избор на нивните идни занимања и упис во соодветно средно училиште, според нивните вештини и способности, ќе придонесе за обезбедување потребен кадар за бизнис секторот.
– Искуствата покажуваат дека поголем број ученици имаат тешкотии при изборот на занимањето и честопати истото го избираат по препорака на родителите или другарите, во кое не можат да се пронајдат – истакнаа од Стопанската комора.
Поради ова велат има потреба од насочување, информирање и советување при дефинирање на одлуките на учениците од раната возраст според нивните психофизички способности, знаења, вештини, компетенции и искуства, притоа поврзувајќи ги со потребите и можностите на пазарот на труд.
Од носењето на Законот за основно образование во 2019 па наваму, сѐ уште нема воспоставено концепт, ниту се стави во функција процесот за професионална ориентација и насочување на учениците од основно образование, наведоа од бизнис организацијата.
Професионалната ориентација на учениците, велат од Комората, би имала придобивка за бизнис секторот, од причина што младите лица уште од основно образование би се насочувале кон развој на кариера, а со тоа и избор на соодветно образование според нивните таленти, афинитети и можности.
– Сето ова ќе придонесе за стекнување соодветни стручни вештини, љубов кон професијата, поголема одговорност, мотивираност и организирање на работата, креативност, како и подготвеност да се вложува напор при остварување на поставените работни цели и решавање на проблемски ситуации неопходни за функционирање на бизнисот – рекоа од таму.
Став за воведување на тестови за откривање на талентите и вештините на учениците во основно образование, побаравме и од Советникот за развој на кариера, Катерина Златановска Попова.
Откривањето на интересите, талентите и вештините кај децата уште во основно училиште е од огромна важност за понатамошните кариерни избори, вели нашата соговорничка.
– Сите сертифицирани кариерни советници во нашата земја имаат поминато соодветна обука и на располагање имаат серија на тестови, прашалници и алатки за утврдување на интересите и вештините на децата и младите кои се прилагодени за различни возрасти – вели Златановска – Попова.

Нејзина лична желба, а континуирана заложба на Асоцијацијата на советници за развој на кариера, АСК Скопје е во секое училиште да постои активен кариерен центар и обучен кариерен советник кој би бил задолжен да ги спроведува овие и многу други активности кои ќе придонесат во носењето на информирани одлуки во различните кариерни транзиции, како на пример преминот од основно во средно образование.
– Со новиот Закон за средно образование кој го очекуваме со посебно нетрпение, ќе биде формализирана улогата на кариерното советување. Преостанува да продолжиме да ја подигаме свеста и да лобираме кај надлежните за важноста и потребата, особено во последните две години (8 и 9 одделение) од основното образование, децата да добијат можност преку структуриран пристап да ги истражат своите интереси и можни професии водени од сертифицирани кариерни советници.
Алатки имаме, професионалци кои тоа можат да го спроведат имаме, интерес кај децата и родителите постои, сега на потег е Министерството за образование да ги направи сите потребни измени што ќе овозможат кариерно советување во сите училишта, основни и средни, додаде нашата соговорничка.
Според неа, тестовите се само еден сегмент од делот на себе запознавање кој пак е само првата фаза во процесот на кариерно советување кој се состои од 4 фази.
– Секој тест е исклучително важно да биде протолкуван од сертифициран кариерен советник и да биде проследен со разговор. Дополнително, во оваа прва фаза, ние ја даваме поддршката за утврдување на личните мотиватори, силните страни и личните вредности, повторно сето тоа прилагодено за возраста. Она што е најважно е следниот чекор, а тоа е сите информации да се стават во контекст на некоја професија или училиште, по што следува процес на ново истражување, разговор и договарање на следните чекори – вели Златановска – Попова.
Со оглед на тоа дека станува збор за процес, нашата соговорничка смета оти е многу важно да не се сведе на еднократно сувопарно тестирање. Понекогаш, поради преголемиот број на интересите, резултатите од тестот може да бидат невалидни, па затоа од голема важност е улогата на кариерниот советник, кој е неопходно да биде дел од процесот и да оствари индивидуален разговор со ученикот разгледувајќи ги заедно со него добиените резултати.
Златановска – Попова ја прашавме и колку ова би му помогнало на бизнис секторот да ги добие потребните кадри, на што таа рече дека ова е наједноставниот и докажан начин кој повеќе до 10 години се спроведува во Германија, Швајцарија, Белгија, Финска и други земји преку формата на дуалното образование.
– Со тоа што, откако ќе ги спроведат тестирањата, секое дете добива насока дали може да се запише во гимназија или во некое од стручните училишта кои пак се наменети, во соработка со компаниите, да ги подготват децата за потребите на пазарот на труд – вели Златановска – Попова.
Одбирањето на стручното образование на децата им даваат можност да бидат поконкурентни на пазарот на труд. Тие додека се дел од процесот на средно образование и посетуваат пракса, добиваат месечен паричен надомест од компанијата и можност за вработување во истата, по завршувањето на образованието.
– Токму затоа, неопходно е кариерното советување и разговорите за избор на професија заедно со сите потребни проценки да започнуваат во основното училиште. Се надевам дека во скоро време ќе имаме активни кариерни центри и во основните училишта, а секое дете ќе има прилика да соработува со сертифициран кариерен советник за полесно да донесе информирани одлуки што пак директно ќе влијае на севкупната бизнис и општествена клима во земјата – рече Златановска – Попова.
Од Министерството за образование на нашите прашања за тоа дали доколку некоја од коморите кај нас предложи ваква иницијатива за оценување на вештините на децата, истата би ја прифатиле и кој е воопшто нивниот став за воведување на вакво тестирање, се повикаа на Законите за основно и средно образование.
– Во Законот за основно образование со посебно поглавје е регулирана професионална ориентација на учениците односно училиштето им помага на родителите, односно старателите и на учениците при изборот на средното училиште, согласно со особеностите, способностите и афинитетите на учениците. Заради следење на индивидуалните афинитети на учениците и давање помош на учениците и нивните родители, односно старатели во избор на средното училиште, психологот односно педагогот во училиштето користи алатки за утврдување на способностите, интересите и можностите на учениците и реализира програма за професионална ориентација за ученици од осмо и деветто одделение, која на предлог на Бирото, ја утврдува министерот.
– Дополнително и во нацрт Законот за средно образование кој е во собраниска процедура со посебно поглавје се регулира кариерното советување на учениците, односно се обезбедува поддршка при насочување во високото образование, за што училиштето формира тим за кариерно советување, координиран од кариерен советник, кој е наставник од училиштето, во соработка со стручни соработници и други наставници од училиштето – стои во одговорот на Министерството за образование и наука.
Фото: Unsplash
- „Еј мајко му стара, абе овој што ми рече пред петнаест години да го ценам работникот во право бил…“ - 06/06/2025
- ЌЕ СЕ РЕШИ ЛИ НЕКОГАШ ПАРАДОКОСТ? Експертите велат дека потребни се законски интервенции и соодветна евиденција во Агенцијата за вработување - 02/06/2025
- (ВТОР ДЕЛ) ИНТЕРВЈУ – „Брзата и ефикасна правна рамка и инвестирањето се клучни во поттикнувањето на растот на платите во приватниот сектор“ - 29/05/2025