Дали работниците во угостителскиот сектор се повеќе и повеќе ќе го користат ултиматумот: „Барам толку и толку плата, за да работам“?

Пишува: Бобан Илијевски

Сезонската работа за угостителите одамна заврши, по што дел од нив се вратија назад во Македонија. Сепак, според Синдикатот за угостителство и туризам, голем дел од нив останале да работат во државите како Хрватска, Малта, Црна Гора итн. 

Во угоститетелскиот сектор во Македонија, и покрај тоа што заврши летната сезоната, се уште нема доволно кадар. Ова е ставот на Претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски. 

Тој за „Работник“ рече дека и покрај очекувањата дека по завршувањето на летната сезона во угостителската индустрија кога поголем дел од угостителските работници кои работеле сезонска работа надвор од државата, се враќаат во своите домови и нема да има недостиг од работници, сепак угостителите и понатаму се соочуваат со недостигот од професионален, квалитетен и едуциран угостителски кадар. Поголемиот дел од т.н. сезонски угостителски работници, според него, не сакаат или немаат интерес да работат локално, туку ја чекаат следната сезона за повторно да заминат на работа надвор од државата. 

Од друга страна зголемените дневници во другите индустрии за време на пандемијата, како и смалениот обем на работење во угостителската индустрија поради постојните протоколи за работа доведе до намален интерес за работа како угостителски работник. Проблемите од недостиг на едуциран и специјализиран угостителски кадар со кои се соочуваат другите региони и држави сега се појави и во Македонија“, вели Јосифовски. 

На прашањето за тоа дали и кај нас ќе се појави проблем со наоѓање на кадар, како во земјите од соседството, каде што се нудат поголеми плати, но сепак не можат да привлечат работници, како и дали угостителските работници веќе започнаа да ги диктираат условите за работа, Јосифовски посочи дека во изминатиот период тие и сите релевантни здруженија, комори и угостители ѝ укажале на Владата дека ќе се соочат со проблемот, реномирани угостителски објекти да се затворат затоа што не можат да обезбедат едуциран кадар или да ги задржат вработените поради проблемите и последиците со кои се соочи целокупната угостителска индустрија. 

Додека трае пандемијата со Ковид-19 секој предлог за решение ќе биде од краткорочен карактер. Се додека не заврши пандемијата и угостителската индустрија не се врати во своето нормално работење, интересот за работење како угостителски работник ќе биде смален на локално ниво. Дополнителна незаинтересираност е и причината за нереалните зголемени цени што се нудат во соседството и низ Европа во угостителскиот сектор за сезонска работа во угостителските објекти“, вели Јосифовски. 

И да нема забуни, објасни Јосифовски, угостителите имаат проблем да најдат професионално едуциран и кцалитетен угостителски и менаџерски кадар за работа. 

Според него, поради овој недостиг целокупната угостителска индустрија е доведена да биде зависна од приучени лица без соодветни елементарни знаење и квалификации за работа во угостителските објекти. Недостигот на едуциран угостителски работник, како и смалениот обем на работа придонесе дневниците и платите за време на пандемијата да се зголемат и до 50% за одредени работни места. 

Роберт Митровски, Претседател на Синдикатот за угостителство и туризам за „Работник“ рече дека дел од вратените работници од сезонска работа се во работен однос, а дел не. Посочи дека во угостителскиот сектор недостига кадар, притоа потенцираше дека рестораните не работат со полн капацитет, па поради тоа и потребата за работници не е толку голема. 

Во соседните земји, според него, веќе подлого време се бараат работници, нагласувајќи дека таму платите се четири пати поголеми од тие во Македонија. Платите кои таму им се нудат на угостилските работници се мали, па затоа тие одат да работат во други европски земји. 

Во однос на тоа дали угостителските работници започнаа или ќе започнат да ги диктираат условите за работа, Митровски вели дека тоа е веќе започнато, со оглед на тоа дека има работници коишто не сакаат да работат за дневница од 1,500 денари.  „И кај нас се воспостави некој лимит. Ако пред 5 – 6 години лимитот беше 700 денари, сега е 1,300 до 1,500 денари“, рече Митровски. 

Според него, ова се однесува на оние работници коишто работат на повик. Тие во моментот ја диктираат малку цената, вели тој, додавајќи дека платите на угостителските работници кои се во редовен работен однос се исти, односно непроменети.

Митровски рече дека има огласи каде што за готвачи се нудат плати до 40,000 денари, но проблемот настанува откако готвачот ќе види дека ќе треба да работи по 10 или 11 часа, што е дневница и пол, и кога ќе ги подели на крај за да види колку заработил, ќе му излезе плата од 22 – 23,000 денари. 

На прашањето дали има некакви податоци за тоа колку угостителски објекти се досега затворени поради Ковид кризата, како и која е неговата прогноза за идните збиднувања во секторот, Јосифовски вели дека ниедна организација ниту институција нема точна информација дали и колку угостителски објекти се затворени или пренаменети како последица на пандемијата Ковид-19. Независната угостителска комора за 2022 година го подготвува и изработува единствениот регистар од регистри за целокупниот туристичко-угостителски сектор со кој ќе се обезбедат точни и детални класифицирани и категоризирани информации и бројки за сите инволвирани субјекти во угостителската индустрија.

Се додека живееме во услови на пандемија со Ковид-19 угостителската индустрија ќе трпи енормни последици и загуби. Дури и по завршувањето на оваа пандемија ќе помине време додека целокупниот туристичко угостителски сектор се врати во некоја т.н. нова нормала во која ќе можеме повторно да си ја приуштиме социјализацијата на која бевме навикнати пред појавата на Ковид-19“, подвлекува Јосифовски.