ПравдаСветот на работникот

Гутиерез од Европската федерација на новинари за Работник: Македонија нема имплементирано речиси ништо од Препорката за заштита на новинарите

Бобан Илијевски

Владата во Македонија нема имплементирано речиси ништо од Препораката за заштита на новинарството на Советот на Европа, која ја има потпишано во 2016 година. Ова за порталот Работник го вели Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез.


Што треба да се направи за да се унапредат правата на новинарите и медиумските работници во Македонија? 

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез вели дека како и многу други Балкански земји, и Македонија треба да започне да го промовира колективното преговарање во медиумите и да ја подобри безбедноста на новинарите.

Двата елементи се поврзани – не може да нема слобода на медиуми и притоа да се очекува граѓаните да имаат слободен, независен и плуралистички пристап до информации, без да има пристојни и безбедни работни услови за новинарите и медиумските работници, вели Гутиерез.

Во однос на работните услови, посочи тој, Владата мора да поттикнува дијалог помеѓу социјалните партнери (синдикатите на новинарите и работодавачите).

Според него, Владата треба да ги практикува и конкретните мерки кои се предвидени од Европските стандарди за безбедноста на новинарите.

Македонските власти ја потпишаа Препораката на Советот на Европа за заштита на новинарството во 2016 година, но не имплементираа речиси ништо од мерките кои се предвидени во текстот. Ја повикуваме Македонија да ги примени без одлагање мерките препорачани од страна на Европската унија, кои се дел од рамката на скорешната Препорака на Европската унија за унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници, од септември 2020 година, истакна Гутиерез.

Гутиерез посочи дека Европската федерација на новинари на разбира зошто македонските власти се уште немаат отворено дијалог со Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници и Здружението на новинари на Македонија, за да се имплементираат гореспоменатите мерки. Оттаму тој прашува: „На што се должи оваа пасивност?“

Постои позитивна обврска, објасни тој, земјите членки да создадат средина во која новинарите ќе имаат слобода и плурализам. Властите во Македонија, вели тој, не го прават тоа што треба, оспорувајќи им го правото на македонските граѓани за пристап до независни информации.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за Работник велат дека постојано ја известуваат Федерацијата за предизвиците со кои се соочуваат.

Од таму потенцираат дека најгорливи проблеми со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници е немањето на колективни договори, со кој што би се регулирале односите помеѓу сопствениците на медиумите и медиумските работници; неусогласената просечна плата и хонорарните договори. Констатираат дека новинарите и медиумските работници не се доволно заштитени.

Новинарите во медиумите во внатрешноста, пак, работат без регулирани договори за работа и плати, односно најголемиот дел од нив работат хонорарно без никаков надомест за прекувремена работа или право на годишен одмор, додаваат од ССНМ.

На генералниот секретар на Европската федерација на новинари му поставуваме и прашање за тоа на што работи Федерацијата во однос на унапредување на правата на новинарите.

Гутиерез посочи дека ова е обемно прашање, бидејќи како репрезентативна организација на новинарите во Европа, тие работат на доста проекти. Истите, вели, невозможно е да се наведат, но ни го испрати нивниот Извештај за активност 2020 – 2022 година.

Со оглед на тоа дека Федерацијата има работено на многу проекти, ние извадивме дел од нив во кои е вклучена и Македонија:

Европската федерација на новинари во договор со Европската конфедерација на синдикати (ЕТУК) договорила да се дадат финансиски средства од ЕУ, во износ од 750,000 евра, на членките на Федерацијата, како дел од планот за опоравување од пандемијата. Овој проект опфатил 15 членки на ЕФН во 11 земји (Шпанија, Хрватска, Германија, Португалија, Словенија, Естонија, Македонија, Србија, Турција, Црна Гора и Франција).

Европската федерација на новинари работела и на проект насловен како „Менаџирање на промените во новинарството“. Во 2019 година, ЕФН успешно го завршила двегодишниот проект за Менаџирање на промените, кој имал за цел да ги засили капацитетите на синдикатите во медиумскиот сектор. Ко-организатор на последната Конференција бил ССНМ, а истата се одржала во Солун.

ЕФН има доста проекти за зајакнување на колективното преговарање, заштита на правата на фриленс новинарите итн.

Во кои држави работниците имаат најмногу права, а во кои најмалку?

Гутиерез вели дека невозможно е да се определи такво рангирање. Секоја држава, додава тој, треба да се оцени во свој контекст.

Не можеме да го имплементираме статусот на данските новинари во Азербејџан преку ноќ, посочи Гутиерез.

Севкупно, ситуацијата се влошува насекаде – има се помалку колективни договори, зголемување на несигурната работа на новинарите (вклучувајќи тука многу фриленсери), значајно зголемени непријателски средини со се повеќе и повеќе напади на новинарите, објасни Гутиерез.

Од аспект на безбедноста на новинарите, вели тој, ако се земат во предвид податоците на Платформата за заштита на новинарството на Советот на Европа, земји во кои најмногу се прекршува слободата на медиумите се Турција, Русија и Украина. Но, Франција е на четврто место, забележува тој.

Не постојат повеќе лоши или добри држави. Ситуацијата станува се полоша за новинарите ширум Европа. Секако, ситуацијата е многу подобра во држави како Финска и Данска, отколку во Азербејџан или Србија, вели Гутиерез и додава:

Доколку ги земеме во предвид најсериозните факти, убиствата на новинарите (46 случаи во 7 години во Европа), можеме да заклучиме дека убиства се случувале во Данска, Франција, Холандија, Обединетото Кралство ,Малта… Не само во Украина или Русија.

Европската федерација на новинари очекува Собранието да биде на нивото на задачата и пратениците што поскоро да ги прифатат измените во Кривичниот Законик, со кои еднаш засекогаш ќе се препознаваат и казнуваат со затворска казна нападите врз новинарите.

Законските измени кои се предложени од медиумските здружнија уште во 2017 година, формулирани од Владата пред две години, од тогаш се заглавени во собрансика процедура.

 

Фото: Vjekoslav Skledar/ (Telegram.hr)

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk