Добар мајстор може да заработи до 2,000 евра месечно
Некогаш важело непишаното правило дека сезонски работници се ангажираат во текот на одреден дел од годината, односно за време на сезона, но сега има работа за оној што сака без оглед на годишното време.
Србија се гради и развива, па врвните мајстори во градежништвото се ценети и барани.
За разлика од претходните години кога работниците во градежништвото работеле сезонски, сега се ангажирани во текот на целата година, бидејќи нема пауза во градењето, пишува Mondo.
Саша Торлаковиќ, претседател на Синдикатот на градежните работници и индустријата на градежни материјали на Србија ги набројал моментално најбараните и најплатените работни места во оваа област.
„Работа во градежништвото секогаш има, а дневниците зависат од професијата. Помошен работник заработува 45 евра дневно, мајстор од 75 до 90 во зависност од работата за која е ангажиран, а најскапи се керамичарите кои земаат од 15 до 20 евра по квадрат“, рекол Торлаковиќ.
Според минатогодишните податоци на Републичкиот завод за статистика, во Србија работат најмалку 120,000 градежни работници, колку што се во постојан работен однос, но се верува дека овој број е значајно поголем кога предвид ќе се земат сезонските работници. Поради недостиг на работници на скелиња во Србија се’ почесто можат да се видат работници од Индија, Турција, Бангладеш… Според некои процени добар мајстор во градежништвото може да заработи и до 2,000 евра месечно.
Сезонски работници во земјоделието
Кога се во прашање сезонските работи, нив најмногу ги има во земјоделието. Во текот на февруари најдобро поминувале оние кои се бават со кроење овошје. Ги има малку, особено стручни, а побарувачката е голема. Добар мајстор за кроење овошје може да земе 80 евра на ден во зависност од големината на овоштарникот.
„Кроењето јаболка е во главно завршено, а дневницата за работниците кои кројат овошје изнесувала околу 70 евра за 10 часа работа плус храна. Толку била во нашиот крај, сега дали некаде беше поскапо или поевтино, стварно не знам“, рекол Небојша Јовановиќ, претседател на здружението на овоштари „Чачански јаболка“.
Колку заработуваат берачите
Минатата година дневницата на берачи на малинки изнесувала околу 6,000 динари плус три оброци дневно и задолжително сместување за работниците. За 30 дена берење малинки може да се заработи и до 180,000 динари.
Извор: Bizpotal.rs

