Еден работник е продуктивен пет часа дневно, велат истражувањата – Дали воведувањето на шест часовно време добра идеја?

Една интересна тема којашто долго време се врти низ светот е намалување на работното време кое сега изнесува 8 часа. Пред некој ден, од политичката партија Левица излегоа со барање работниците да работат на шестчасовно работно време, што мислам дека е прилично добра идеја. Да им порачам на дел од оние коишто го читаат ова и си мислат и ќе коментираат дека ми оди муабетот со Апасиев (до душа, не сум во лоши со односи со никој, а нема ни потреба да бидам), дека не им се замарам ни еден процент. Некои идеи на Левица ми се допаѓаат, некои не. Има и идеи коишто произлегуваат и од СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, Алијанса за Албанците итн., што ми се допаѓаат и што не ми се допаѓаат. Сепак, работите не се црно – бели, како што и многумина мислат.

Во ред, толку е со објаснувањето. Главната поента ми беше воведувањето на шестчасовно работно време, па да се задржам на неа. Доколку гледаме на работите реално, ниеден работник не е продуктивен сите осум часа додека е на работа. Моја проценка е дека максимум четири до пет часа е нивото на продуктивност.

Истражувањата покажуваат дека пет часа е максимумот до кој најголемиот дел од нас можат да се фокусираат на нешто“, вели Алекс Панг, основач на консултантската куќа „Strategy and Rest“ во Силиконската долина и автор на неколку книги кои ги истражуваат врските помеѓу пократките работни часови и продуктивноста.

Од друга страна има и истражувања кои велат дека просечниот канцелариски работници е продуктивен помалку од три часа дневно.

Без разлика на професијата, еден просечен работник е продуктивен 60 % или помалку на дневно ниво. Сепак, кај канцелариските работници, овој процент е драстично помал. Истражувањето спроведено од платформата Voucher Cloud заклучило дека просечен канцелариски работник е продуктивен само два часа и 23 минути дневно.

Ова истражување нагласува дека според претпоставката дека работното време изнесува осум часа, тоа значи дека канцеларискиот работник генерално е непродуктивен пет часа и 37 минути дневно.

Земајќи ги во предвид овие истражувања коишто се на светско ниво, мислам дека намалувањето на работното време на шест часа „држи вода“. Сепак, работниците во Македонија се далеку од ова. Кај нас излезе проблем со тоа што недела го прогласија за неработен ден, по што веднаш некои од газдите дигнаа фама. Доколку би се вовело скратено работно време, на пример на шест часа, е тогаш мислам дека ќе се случи „експлозија“ од поплаки од страна на газдите.

Моето мислење е дека не треба да е важно работното време повеќе од продуктивноста на работникот. Ако работникот е продуктивен три или пет часа дневно и си ги завршува работните обврски, тогаш мислам дека не треба да има проблем. На крајот од денот, на работодавачите најважно им е да се завршени работните обврски.

Постојано ја следам деловната социјална мрежа LinkedIn, каде што читам различни мислења и ставови во однос на работното време. Конкретно, вниманието ми го задржа еден статус на еден човек којшто им помага на претприемачите околу нивниот маркетинг, кој гласи вака:

Отсекогаш ми било интересно како никој во канцеларијата не се грижи за тоа што ја завршував работата побрзо од најголемиот дел од луѓето. Но, секогаш се „грижеа“ кога ќе ги земев работите и ќе излезев порано од работа. Најголемиот дел од луѓето гледаат цел ден во часовниците. Доаѓаат на работа во 9 и чекаат да дојде точно 5 часот за да си заминат.

„Бројачите на часови“ мислат дека ако не ги изработиш сите 40+ часови дека не си добар работник.

Но ова е проблемот:

Работењето многу часови не те прави добар работник, туку да бидеш продуктивен те прави добар работник.

Доста ги мерите часовите. Започнете да ги мерите резултатите, стои во статусот на човекот чие име е Гери Тревис.

Мислам дека неговиот статус добро објаснува како стојат работите и како би требало да стојат. Не си вреден и добар работник ако целта ти е само да седиш од почетокот до крајот на работното време, туку кога си продуктивен и даваш резултати.