Една идеја од мене до политичките партии: Да се најде начин да се исфрлат одредбите за 72 часовна работна недела
Она што сметам дека исто така е важно е политичките партии кои ќе дојдат на власт да ги земаат добрите програмски определби од останатите партии и да ги имплементираат во пракса. Егото не помага никому, баш напротив – одмага, и тоа најмногу на граѓаните.
Изборната кампања за парламентарните избори тече. Секојдневно сме бомардирани со телевизиски спотови, објави на социјалните мрежи и реклами на порталите. Некои луѓе ова ги нервира, мене искрено не, бидејќи не ни обрнувам внимание. Поради мојата професија како новинар ги читам програмите, се разбира, ветувањата коишто се дел од сферата во која работам – работните односи и трудот.
Се надевам дека која и политичка партија да дојде на власт, ќе започне конечно да ја реформира сферата на трудот. Да ја направи Агенцијата за вработување функционален посредник помеѓу барателите и понудувачите на работа, за повеќе да не биде само едно биро за водење статистика. Да овозможи курсеви и обуки за преквалифкација и доквалификација на невработените за потребите на дефицитарните дејности.
Конечно да се воведе и систем кој будно ќе следи каде се случуваат прекршувања на работничките права и да се донесе нов Закон или да се измени и дополни постоечкиот Закон за работни односи, со цел во него да се вклучат сите новини кои ги наложуваат работните односи: работа на далечина, хибридна работа, татковско отсуство итн.
Многу е важно и да се најде начин да се исфрлат законските одредби кои дозволуваат 72 часовна работна недела од Законот за работните односи и да се оди кон тоа да се намалува работното време, како што впрочем прават речиси сите западни земји. Неодамна Данска најави дека ќе тестира четири дневна работна недела. Ние не мора да воведуваме ваков модел веднаш, но би било добро, за да се зголеми продуктивноста на работниците, да се намалат работните часови.
И една од најважните работи – платите. Мора да се изнајде начин како платите да ги покриваат месечните трошоци. Ова мислам дека е императив и дека следната Влада треба силно да се заложи да ја смени сегашната ситуација во која се наоѓаат работниците – со платата да не можат да го поминат месецот.
Она што сметам дека исто така е важно е политичките партии кои ќе дојдат на власт да ги земаат добрите програмски определби од останатите партии и да ги имплементираат во пракса. Егото не помага никому, баш напротив – одмага, и тоа најмногу на граѓаните.