ГИ ТЕРАЛЕ ДА РАБОТАТ НА -20 СТЕПЕНИ ВО ЗАМРЗНУВАЧ – Со какви проблеми се соочуваат македонските сезонски работници во Хрватска?
Бобан Илијевски
За тоа дека многу македонски работници коишто се на сезонска работа се соочуваат со проблеми, зборуваат многу примери. Голем број од нив одат со цел да заработат повеќе, но и таму остануваат без пари, без работа и без сместување.
Никола и Доне се браќа од Велес кој преку посредник од Македонија заминале да работат во фабриката за преработка на месо „Рамнич“ во градот Осјек, во Хрватска.
Никола за порталот „Работник“ рече дека неговиот брат ја договорил работата во Хрватска преку некој човек којшто го нашле на социјалните мрежи.
„Тоа одеше преку брат ми. Брат ми чепкал на интернет. Се одеше преку интернет. Ние се немаме лично видено со човекот. Не знам точно како се вика агенцијата“, рече Никола.
На прашањето дали им кажале кои ќе им бидат работните услови, Никола рече дека им кажале оти платата ќе им изнесува 800 евра бруто. Вели дека не знаел што е бруто, но бидејќи сумата им одговарала, тој заедно со неговиот брат прифатиле да работат. Човекот којшто посредувал за работата им рекол дека патните трошоци и сместувањето ќе бидат на трошок на работодавачот. Сепак, тоа во целост не било вистина.
Им барале пари за вода и струја
Првиот проблем со којшто се соочиле бил неплатениот превоз. Доне и Никола биле принудени да платат околу 3,000 денари за превоз.
„Во Договорот беше наведено дека превозот од местото каде што бевме сместени до работа и назад се платени. Ние кога појдовме превоз немаше“, раскажа Никола.
Од местото каде што биле сместени до нивното работно место имало 7 километри .
„Кога појдовме таму ни рекоа дека ние прво треба да купиме карти, па после ние ви ги надокнадуваме парите. Ние купивме две автобуски карти. Една карта кошташе скоро 3,000 македонски денари. Сами си плаќавме, а тоа требаше да биде платено од фирмата“, вели Никола.
Тие морале и секој ден да пешачат по три километри. Од станицата каде што ги оставал автобусот до фабриката имале по еден километар одење (во две насоки тоа се два километри) и уште еден километар во две насоки од куќата до станицата каде што го чекале автобусот за накај работа.
Покрај тоа што платиле за карти, им било речено дека треба да платат и сметки за вода и струја, иако претходно се договориле дека и овие трошоци ќе бидат на товар на работодавачот. Никола рече дека прашале некој од колегите на работа дали тие треба да ги подмируваат сметките, а од таму им рекле дека и сметките треба да ги подмири работодавачот.
Никола раскажа дека таму работеле 16 дена и дека договорот којшто го склучиле бил на 40 часа. Кога тој ги одработил тие 40 часа, во саботата не отишол на работа. Вели дека заедно со брат му пресметале дека ги одработиле овие часови, па не отишле на работа.
„Две саботи не отидовме на работа пошто во договорот пишува дека треба да работиме на 40 часа. Никој не може да ме натера со сила да работам повеќе. Ако сакам јас ќе работам после 40 саати. Ако сум направил договор на толку, на толку ќе биде“, рече Никола.
Ги терале да влегуваат во фрижидер каде температурата била -20 степени
Пред да тргнат од Македонија, тие се договориле да работат на работно место каде што ќе солат сланина. Кога дошле на работа, Никола го ставиле на лента за колење, а брат му и уште едно момче од Македонија, по неколку дена почнале да ги ставаат во замрзнувачот каде што било -20 степени. Не им било кажано дека ќе треба да работат и во замрзнувач.
Според него, тие требало да работат како помошници во делот што е за колење, а не да влегуваат во замрзнувачот.
„Таму е -20, никој не сака да оди“, вели тој.
Неговиот брат и другото момче од Македонија одбивале да работат на -20 степени.
„Брат ми одеше до крај. Беше решен да добие отказ, не сакаше да влегува таму“, рече Никола.
Во замрзнувачот е штетно само да влезеш, а за пари не вреди да се разболиш, посочи и додаде дека треба да се работи на работното место за коешто се има договор, без разлика дали фали човек на друго работно место.
Брат му и другото момче му се спротивставиле на шефот, за тоа што им наредил да одат во замрзнувачот. Тој им рекол ако не сакаат да влезат внатре да се вратат во куќата каде што се сместени, бидејќи за нив немало друга работа.
Следниот ден ги повикале на разговор и им поделиле откази, со образложение дека два дена не биле на работа, а Никола тврди дека ги имале одработено тие 40 часа и дека немале потреба да одат на работа.
Откако останале без работа, се обиделе да пронајдат друга, но тешко им одело. Потоа успеале да го најдат бројот на потпретседателот на Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија Сашко Папулев, на кого му се јавиле.
Синдикатот за угостителство и туризам им излегол во пресрет заедно со Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска
Порталот „Работник“ го контактираше Папулев, којшто го потврди тоа што го кажа Никола.
Папулев рече дека момчињата контактирале со него преку „Вибер“. Станува збор, како што рече, за млади момчиња кои заглавиле во фабрика/кланица во Осјек. Тие биле разочарани, не знаејќи на кого да се обратат.
„Во некоја група го виделе линкот од Синдикатот за угостителство и туризам и така го нашле мојот личен број, којшто е објавен на една од групите. Ме контактираа и јас им објаснив дека во главно Синдикатот реагира секојпат и ги заштитува правата на сите наши членови. За тие што не се челнови е малку потешко да се помогне“, вели Папулев.
Сепак, како што вели Папулев, на Синдикатот му паднало жал за момчињата да бидат заглавени таму, па им рекол да бидат на тоа место каде што се и дека ќе го контактира хрватскиот синдикат (Синдикат за туризам и услуги на Хрватска), односно нивната правна служба, за да видат како можат да им помогнат. Тоа го сторил и правникот на хрватскиот синдикат, којшто е нивен партнер, контактирал со момчињата. Потоа контактирал еден од работодавачите со којшто синдикатот има склучено Колективен договор. Станува збор за хотел во Задар, од каде на момчињата им понудиле работа.
Папулев рече дека целата процедура траела четри до пет дена, по што момчињата заминале во Задар. Тие моментално, како што вели, ја чекаат работната дозвола и се презадоволни од условите.
„Синдикатот им обезбеди храна и сместување, иако се уште не се во работен однос“, подвлече Папулев.
На прашањето со кои проблеми се соочувале кај претходниот работодавач, Папулев рече дека прво Агенцијата за посредување не им ја кажала целата приказна за платата и работните услови. Така што, се што им било кажано овде во Македонија, не било таму испорачано. Во фабриката се соочиле со друга плата, други работни обврски, коишто не им биле споменати тука, трошоците паднале на нивен товар и така „тие испаднале буквално искористени“, рече Папулев.
Папулев нагласи дека имало и други вакви случаи и дека тие како Синдикат се трудат да им помогнат најмногу што можат. Тој им порачува на сите оние коишто одат во Хрватска да станат челнови на синдикатот, во спротивно не можат да ги заштитат, бидејќи ризикот е да добијат голема парична казна, од причина што не можат да се мешаат онаму каде што немаат нивни членови.
Казните изнесуваат од 5 до 10,000 евра, но и повеќе, додаде Папулев.
Браќата Никола и Доне чекаат работна дозвола, а во меѓувреме одат по два часа на пракса во ресторанот на хотелот. Едниот од нив, кога ќе добијат дозволи за работа, ќе работи како помошник готвач, а другиот како помошник келнер.
Тие се сретнале и со претставникот на синдикалната организација во Задар, којшто ги уверил дека во хотелот ќе ги уживаат сите права коишто им следуваат согласно Колективниот Договор.
Хрватскиот синдикат за туризам и услуги, исто така објави за овој немил настан којшто им се случил на браќата од Велес.
Имено, од Синдикатот пишуваат дека пред некој ден двајцата браќа му се јавиле на потпретседателот на Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија Сашко Папулев за да побараат помош.
„Браќата работеле во Осјек кај работодавач кој ги изиграл, не го исполнил договореното и браќата останале без работа и сместување. Преку брза интервенција на нашите два синдикати, пружена им е помош и пронајдена им е друга работа. Претседателот на СУТ се обратил за помош на правната советничка на СТУХ, Сунчица Беновиќ, која во тие моменти се затекла на колективно преговарање во задарска Борик“, велат од СТУХ.
Во текот на преговорите ја прашала одговорната за човечки ресурси на компанијата, Г-ѓа Ана Газиќ, дали им се потребни помошни работници, односно дали имаат потреба од нови работници. Управата на Борика им излегла во пресрет на измамените Македонци и во рок од пет дена добиле нова работа во Пунта Скали во Задар. Едниот од нив како помошник готвач, а другиот како помошник келнер.
Од синдикатот наведоа дека обезбедени им се сместување и храна, а доколку се покажат како добри работници, загарантирана им е работа во текот на сезоната.
Добиле повици уште од три македонски работнички незадоволни од работодавачите
„Но тоа не е се, последните неколку дена ни се јавија уште македонски работници, конкретно три работнички кои исто така се незадоволни од работодавачот за кој работеле и побарале помош од СУТ и СТУХ. Борик, уште еднаш, и нив им понудил работни места“, велат од СТУХ.
Голем број од македонските сезонски работници се соочуваат токму со вакви проблеми, најмногу поради тоа што Агенциите коишто посредуваат при работа не секогаш им ги кажуваат целосните детали за работните места на кои ќе треба да работат.
*На фотографијата се Никола и Доне заедно со синдикалниот претставник на СТУХ.
Фото: СТУХ

