Работно искуство бараат сите, а луѓето не можат да го стекнат оти немаат каде
Градењето кариера во Македонија е тешка мисија, особено за младите коишто немаат никакво работно искуство.
Гледам по огласите дека дури и за најниските позиции се бара кандидатите да имаат работно искуство. Тоа ме тера да се запрашам: како е можно некој којшто само што завршил средно училиште или факултет да има работно искуство какво што бара одредената компанија. Нема никаква поента од млади луѓе кои само што завршиле со образовниот процес да се бара искуство.
Компаниите што бараат работно искуство, сакаат да преземат веќе изграден работник
Некои компании одат до таму, што бараат по три години искуство. Ова кажува една работа, а тоа е дека тие во суштина не бараат почетник, како што и наведуваат во огласот. Нивната идеја е да преземат некој којшто активно ја работи професијата. Во тој случај, што е со оние кои немаат искуство. Дали тие ќе мораат да одат на неплатени пракси и да се потпираат на финансиска помош од своите родители додека го стекнуваат бараното искуство? Не би рекол. Тоа во Македонија оди многу тешко, со оглед на тоа дека голем дел од луѓето се со ниски примања.
Поради ваквите огласи младите луѓе губат надеж и не се осмелуваат да праќаат професионални биографии (CV) до компаниите. Наместо тоа, тие започнуваат да работат на работни места каде на површина излегува сета нивна огорченост кон создавањето на кариера. Ова го кажувам од лично искуство, иако морам да признам дека за разлика од некои други, јас успеав да се вратам во терк и повторно да почнам да верувам дека можам да изградам успешна кариера. Некои млади луѓе, за жал, не се враќаат на тој терк, па остануваат разочарани.
Кукаат дека немаат работници, а не сакаат да вложат во оние без искуство
Од друга страна, некои од компаниите постојано „кукаат“ дека нема квалификувани работници. Господа извршни директори и менаџери, за да создадете квалитетен кадар треба да вложите во него. Сам не може да се квалификува. Затоа треба да воведете добро осмислени практикантски програми, за коишто ќе издвоите одредена сума на пари и истите ќе ги давате на практикантите. Со тоа што барате три години работно искуство, не можете да привлечете квалитетни млади луѓе, туку напротив ги одбивате. Знам дека со тоа што барате искуство намерата вие да привлечете работници кои ја познаваат работата и тоа е во ред. Сепак, мислам дека треба да се вложува и во луѓе без искуство. Тие можеби не го поседуваат тоа што го барате, но голем дел од нив имаат квалитет и желба да ја научат работата.
Најголема улога игра тоа колку пари ќе им се понудат
Јас кога се вработив во Порталот Работник немав „благе везе“ од работни односи. Сепак, покажав интерес и желба за учење и еве, веќе три цели години сум дел од таа успешна приказна. Верувам дека има многу млади луѓе кои би сакале да се здобијат со искуство, но за да успеат во тоа, треба некој да им пружи шанса.
Се разбира, важен е и износот којшто ќе им се понуди, бидејќи никој веќе не сака да работи за „ич пари“. Помина тоа време, кога беше актуелен и атрактивен терминот „работам, колку само да работам“. Младите, оние кои треба да влезат на пазарот на труд, бараат работа која ќе им пружи пристоен живот. Работа која ќе им овозможи да не се грижат дали ќе имаат пари за да го истуркаат месецот.
Можеби се лажам, но мене ми се чини дека голем дел од работодавачите мислат дека за малку пари, можат да најдат квалитетен работник. Тоа ти е како да купиш нешто за евтини пари и да очекуваш да биде квалитетно како нешто што чини поскапо (не ми текнува пример во моментов). Тоа не функционира на тој начин. Се што е квалитетно се плаќа повеќе од по неквалитетното.
Во Македонија ретки се компаниите кои вложуваат во квалификуван кадар
Има многу млади луѓе кои во себе носат квалитет и кои можат да бидат успешни работници во компаниите, но за да тоа се случи, треба да се вложува во нив. Барем јас така мислам, но верувам дека и многу други луѓе кои се познавачи на светот на кариерата.
Во Македонија постојат компании кои вложуваат во младите луѓе, но се ретки. Останатите бараат само искуство. Се разбира искуството е едно од највредните нешта кога зборуваме за работа, но истото треба да се стекне. Со нагласување дека потребно е искуство во огласите за работа, тоа не може да се направи, нели?
Дури и да се напише дека е „пожелно“ да се има искуство, тоа повторно ги демотивира. Во тој момент, тие мислат дека секој оној којшто има искуство, има и дупло поголема предност пред нив.
Во најголем број од случаите, тоа е во пракса така.
