Жените управители во Македонија вработуваат 121,693 работници

Согласно податоците на даночната управа во земјава има 104.507 активни даночни обврзници правни лица регистрирани во сите региони во државата, од кои 27.711 се со жени управители, Сите заедно согласно поднесените даночни биланси обезбедуваат приход во вредност од близу 230 милијарди денари и обезбедуваат работни места и плати за 121.693 работници. Сите овие компании ги развиваат регионите каде што работат, успешно не претставуваат на домашните и на светските пазари и континуирано придонесуваат во раст на БДП.

Ова го истакна директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревскa, на отворањето на вториот Самит за женско претприемништво насловен „Инспиративна иднина“ што се одржува денеска и утре во рамки на Националната платформа за женско претприемништво, проект кофинансиран од ЕУ.

-Лично верувам дека фактот што сме жени е бенефиција затоа што имаме природен талент од едно да направиме две. Да бидеме организатор на домот на семејството и токму овие природни дарби треба да ги искористиме и насочиме кон градење на родово перспективна иднина со цел подобрување на економската состојба на жените, рече Лукаревска.

Таа нагласи дека жени претприемачи низ целата држава успешно менаџираат микро, мали и средни претпријатија во областа на финансиите, услужните дејности, медицината, модниот дизајн, но ги има и во градежништвото и транспортот и логистиката. Тоа се, вели, професионални менаџерки кои знаат како се игра во борбата за нов пазар, маката за создавање нов производ и не се плаши, а и многу добро знае што треба за да постигне и повеќе.

-Преку инклузија со жени претприемачки, државата, граѓанските организации, коморите, Платформата за женско претприемништво да придонесеме во унапредување на вештините знаењето и да го јакнеме женското претприемништво. Верувам дека имаме потенцијал и можност да создадеме амбиент за подобрување на позицијата на жената претприемач, рече Лукаревска која ги повика жените претприемачки да ги користат мерките и поволности за развој на женското претприемништво.

Заменик министерот за економија Зоран Маневски во своето обраќање се осврна на Годишната награда за жени претприемачи што ја воведе Министерството за економија како институционален покровител на НПЖП која се доделува на најдобрите компании во сопственост и во управување од жени врз основа на официјалните податоци од завршните сметки на претпријатијата во последните три години, според следните критериуми: основната дејност да не е трговија, да се активни во последните три години, претпријатието да биде во сопственост на жена над 50 проценти и управител да биде жена во истото, да бидат минимум 51 отсто во домашна сопственост, секоја наредна година да остваруваат поголем приход, секоја година да остваруваат добивка, секоја наредна година да го зголемуваат бројот на вработени во регистарот на вистински сопственици да бидат евидентирани како жена сопственик.

-Според добиените податоци од Централниот регистар бројот на компании кои се селектирани според истите критериуми во 2021 во однос на 2020 година е зголемена од 51 на 73 компании, односно повеќе за 43 проценти што претставува значаен показател дека се постигнати поставените цели за поттикнување на жените за почнување на сопствен бизнис. Селектираните 73 компании во сопственост и управувани од жени во сите плански региони навистина заслужуваат признание за остварените резултати. Ова е доказ дека има моќни и успешни жени кои знаат да водат бизнис и при тоа постигнуваат извонредни резултати. Во периодот од 2019 година до 2021 година овие 73 компании успеале да го зголемат бројот на вработени за околу 57 отсто, а добивката за дури 112 проценти. Оттаму можеме да констатираме дека мерките за стимулирање на жените за започнување на свој бизнис кои Владата ги реализира секоја година како и активностите кои произлегуваат од Стратегијата за развој на женското претприемништво ја постигнаа целта. Затоа повеќе од потребно да се наградуваат ваквите успешни компании кои се мотивација за сите останати, рече Маневски.

На самитот беа доделени и наградите за најдобри претприемачки во микро, мали и средни претпријатија, кои Платформата ги доделува во соработка со Министерството за економија. Наградата за најдобра жена претприемач во категоријата на микро претпријатија ја доби Даниела Јосефска од „Јосефски консалтинг“ – сметководствено биро во Кочани, во категоријата мали претпријатија „Сакам книга“ и сопственичката Ивана Спасев, а во сферата на средни претпријатија Славица Алексовска и компанијата „Сатекс“ од Прилеп.

Инаку, самитот во својата програма има вклучено четири панел дискусии во кои целокупниот фокус е женското претприемништво, предизвиците со кои се соочува, добрите домашни и странски практики. Ќе се дадат и насоки за многу важното младинско претприемништво, а ќе бидат преставени документи за креирање на политики, со секторите на финансии, жените во дигиталниот свет. Како што е најавено, ќе биде претставен и Барометарот за 2022 година за женско претприемништво.

Една панел дискусија ќе биде посветена на формирање на совети за женско претприемништво на локално ниво, на која што ќе присуствуваат градоначалниците од Вевчани, Кратово, Карпош, дел од општините каде се веќе формирани советите. На вториот ден од самитот се организирани две работилници за финансии и финансиски менаџмент, на кои ментори ќе бидат Сашо Велковски и Александар Целевски.

Тимот на НПЖП, утре ќе ги додели и двете награди за најдобра млада лидерка и за Граѓански организации -добри практики.