НовостиСветот на работникот

Тренчевска: Новите форми на договори за вработување се неизбежност

   Време за читање 2 минути

Во услови на висок технолошки развој неизбежна е појавата на променливост на труд, што води кон воспоставување нови форми на вработување, а со тоа се наметнува и потребата од нивно уредување. Затоа, како креатори на политики од областа на трудот го почитуваме мислењето и вклученоста на сите релевантни фактори во државата, но и поддршката и соработката со меѓународните актери, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во воведното обраќање на конференцијата „Нови форми на вработување на променливиот пазар на трудот“, во организација на Меѓународната организација на трудот, Здружението за трудово и социјално право и Фондацијата Импакт.

– Договорот за вработување е одлична основа за воспоставување на професионален и коректен однос меѓу работникот и работодавецот, при што и двете страни имаат права и обврски кои произлегуваат од работниот однос. Работникот има право да биде информиран за своите законски права, а во случај на спор, ако има основа да биде и обесштетен, вели Тренчевска.

Посочи дека договорот е исто така важен и за работодавецот, кој, покрај обезбедување соодветна сила, која ги знае своите права и обврски и со која има јасно дефиниран однос, во исто време ги обезбедува и заштитата на неговите права и интересите на бизнисот.

Министерката говореше и за уредувањето на договорите за вработување, како само еден од елементите и измените во новиот Закон за работните односи, на кој подолго време се работи.

– Верувам дека наскоро ќе биде готова и финалната верзија на новиот Закон за работни односи, по што ќе биде поставен на ЕНЕР, согласно законската регулатива во нашата држава. Ќе бидат одржани и јавни расправи ширум државата, за да можат што поголем број на организации, институции, граѓани, со коментари се вклучат во неговото финализирање а со тоа да го подобриме работното законодавство во државата, истакна министерката Тренчевска.

Таа изрази уверување дека споделените знаења и искуства и дискусии на конференцијата ќе дадат дополнителен придонес во натамошното конципирање на договорите за вработување, на новите форми на договори, кои стануваат неизбежност во сите современите економии, вклучително и кај нас.

Фото: Freepik