Колумни

ВЕТУВАЊЕТО ЗА ДОГОВОРИТЕ НА ОПРЕДЕЛЕНО ДО ПОЛОВИНА ИСПОЛНЕТО?!

Колумна на Бобан Илијевски

Пред некој ден гледав една дебата на телевизија поврзана со работниците и економијата во Македонија, на која разговараа претставник од бизнис фелата и претставник од синдикат. Меѓу другото, се зборуваше и за договорите на определено време кои со новиот Закон за работни односи, којшто сѐ уште е во работна верзија, се предвидува од пет да се намалат на две години.

Претставникот на синдикатот напомена дека во Програмата на СДСМ било наведено дека овие договори ќе се намалат на една година, наместо две. Јас го проверив тоа. И навистина во Програмата за парламентарните избори 2020 – 2024 година стои дека договорите на определено ќе се намалат токму на една година.

За да не испадне дека „тропам зелени“, во прилог ќе наведам како точно стои во Програмата:

Ќе го уредиме работниот однос на определено време – со што договорот за вработување на определено време да биде исклучок, а не правило. Следствено, договорите за вработување на определено време ќе бидат со максимално траење до 12 месеци со директна трансформација на неопределено време по истекот на тој период“.

Истото може да се најде на страна 47 од Програмата.

Сепак, како што веќе знаеме во Предлог Законот за работни односи се наведува дека истите ќе траат две години, при што работодавачот ќе може само три пати да му го продолжи договорот на работникот во дадениот период.

На крајот доаѓа дека ветувањето коешто е дадено, не е исполнето. И оттаму се поставува прашањето: дали тоа ветување беше популистичко? Како што стојат работите, одговорот е да.

Но, да бидеме реални, не е првпат политичка партија да даде ветување коешто не може да го исполни. Тоа се должи на немањето осет за правење на анализа пред да се даде ветувањето. Кај нас е важно само да се вети, па дали ќе се исполни истото не е толку важно, иако за политичките партии на избори се гласа токму за да ги исполнат своите ветувања.

Знам дека сега некои од луѓето кои ги поддржуваат ќе речат дека важно го намалиле времетраењето на овие договори од пет на две години. Во ред, тоа никој не го спори, но поентата е тука дека не се доследни на директното ветување коешто го дале пред граѓаните.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk