Заложби за подобрување на состојбата во новинарството од институциите има, но колку тие ЌЕ се реализираат?

Бобан Илијевски

Неодамна, Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез во изјава за Работник рече дека Македонија нема речиси ништо имплементирано од Препораката на Советот на Европа од 2016 година за заштита на новинарството.

Оваа изјава беше повод да го прашаме Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) како гледаат на истата и дали има некакви заложби од државата за подобрување на ситуацијата.

Од ЗНМ посочија дека во овој дел има делумни заложби од страна на Министерството за внатрешни работи со кое имаат потпишано Меморандум за соработка.

„Изминатава година беа реализирани неколку активности кои придонесуваат за унапредување на заедничката соработка во насока на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници“, велат од ЗНМ и додаваат дека во рамките на нивните проектни активности во подготовка е Протокол за безбедност на новинарите (со фокус на новинарките) на интернет, каде како членови во работната група се вклучени претставници од МВР, Факултетот за безбедност, Правниот факултет и неколку новинарки.

Според ЗНМ, во изминатиот период забележани се заложби и од страна на судовите и обвинителството кои, како што велат, се трудат да бидат кооперативни и навремени во насока на давање на податоци кога ги бараат од нив.

Како проблем ги детектираат сѐ уште не направените измени на Кривичниот законик, како и нереализирањето на нивното барање за формирање на посебно одделение во Основното јавно обвинителство кое би имало улога брзо и ефикасно да гони напади кон новинари и медиумски работници.

„Ваквото посебно одделение во ОЈО ќе има за задача да ги истражи не само повредите на правата на новинарите од оваа година, туку и постарите случаи, бидејќи само на тој начин ќе се подобри негативната пракса на неказнивост која во моментов е присутна“, велат од ЗНМ.

Од синдикатот на новинари и медиумски работници повеќе пати посочија дека новинарите не се доволно заштитени и дека треба да се работи на тоа да им се пружи поголема безбедност.

Генералниот секретар на ЕФН Гутиерез го постави и прашањето зошто Владата има толкава пасивност кон тоа да започне дијалог со ССНМ и ЗНМ за подобрување на правата и безбедноста на новинарите

Наведе дека постои позитивна обврска земјите членки да создадат средина во која новинарите ќе имаат слобода и плурализам, додавајќи дека властите во Македонија не го прават тоа што треба, а со тоа им го оспоруваат правото на пристап на македонските граѓани до независни информации.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.