„За поздравување е тоа што му се дава поголемо значење на трудот, но прашањето е дали проблемите кои ќе настанат ќе бидат поголеми од позитивните страни“
Со реорганизацијата на државната управа, секторот труд од Министерството за труд и социјална политика се префрла во Министерство за економија, со тоа ќе има две променети министерства – Министерство за социјална политика, демографија и млади и Министерство за економија и труд.
Одлуката да се префрли секторот труд од МТСП во Министерството за економија, начелно се темели на идејата трудот да добие позначајно место, затоа што досегашните министри за труд и социјална политика поголемо значење ѝ даваа на социјалата. Оваа идеја можеби ќе даде поголемо значење и на претприемништвото во Македонија и ова е за поздравување, вели Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.
Според него, прашањето е дали проблемите ќе кои ќе настанат во текот на имплементацијата на оваа идеја, нема да бидат поголеми од очекуваните позитивни работи.
„Потребно е да се сменат неколку закони. Од нив значајни се Законот за работните односи, Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, Законот за вработување и работа на странци, Законот за вработување на инвалидни лица, Законот за инспекција на трудот, Законот за минимална плата и некои други помали закони“, вели Димитров.
Ќе биде потребно, како што вели, да се променат сите правилници донесени од досегашните министри за труд и социјална политика од овие области.
„Притоа најголем проблем се започнатите постапки во областите на активните политики за вработување, надомест на невработените лица, постапките кај Државниот инспекторат за труд, постапките за вработување на странци, постапките кај посебниот фонд за вработување на инвалидни лица и други“, посочи Димитров.
Сите постоечки регистри од МТСП кои се однесуваат на трудот ќе мора да се преместат во економија, вклучувајќи ги регистрите на синдикати, работодавачи, колективни договори, помирувачи и арбитри, стручни лица за безбедност и здравје при работа, приватните агенции за вработување и други, додаде Димитров.
Ќе мораат да се заменат и сите обрасци и документации кои во моментов се користат преку МТСП. Сѐ на се, се работи за обемна реформа која бара многу работа. Ќе биде потребно да се вложи многу напор и енергија за ова да се направи во пократок период, со цел да нема застој на процесите.
„На крајот се надевам дека овие напори нема да бидат залудни и ќе имаме позитивни резултати“, рече Димитров.