Зошто нештата би се одиграле поразлично во Македонија?
Од влегувањето во Европската унија до денес, Хрватска има изгубено повеќе од 300,000 работоспособни луѓе. Зошто Македонија кога ќе влезе во ЕУ, нештата би се одиграле поразлично?
Нашиве властодршци постојано велат дека кога ќе влеземе во ЕУ ќе ги вратиме младите назад и дека тукашните работници ќе добијат подобри услови, но примерот на Хрватска покажува дека таа теза им паѓа во вода и дека во суштина тие лажат.
Фактите и примерите од терен го покажуваат спротивното – влегувањето во ЕУ ќе значи уште поголем егзодус на македонската работна сила. Токму поради ова, често велам дека мораме да ја направиме Македонија подобро место за живеење, за кога ќе дојде моментот да влеземе во ЕУ, одливот не биде толку голем. Но, нашите ни партиски гарнитури продолжуваат да се потпираат на тоа дека кога ќе влеземе во ЕУ магично ќе се решат сите проблеми. Ќе се зголемат платите, ќе се намалат корупцијата и криминалот, јавната администрација ќе стане поефикасна итн.
Искрено, тоа нема да се случи, бидејќи од нас зависи дали ќе смениме нешто на подобро во државава. Европската унија ќе ни овозможи да имаме пристап до некои привилегии, но гарантирам дека лидерите на земјите од оваа организација нема да дојдат и да ни ги решат проблемите.