ИнтервјуаНовости

(ИНТЕРВЈУ) Коцевски: Како синдикат изразуваме поддршка за борбата против криминалните појави во МВР

   Време за читање 9 минути

Интервју со Претседателот на Синдикатот на полиција во Македонија, Орце Коцевски. Разговараме за средбата на синдикатот со Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истрагите на МВР, како и на други прашања.

За што разговаравте на средбата со Министерот Тошковски?

Како дел од годишниот план за работа и активности на Синдикат на полиција во Македонија – СПМ, на ден 05.02.2025 година беше остварена работна средба со Министерот за внатрешни работи  Панче Тошковски на кој присуствував Јас како претседател на СПМ, Николче Кирковски генерален советник на СПМ и Маја Мазневска претседател на СО за МВР. СПМ на таа средба ги изнесе барањата на СПМ, известувањата по информации од состаноци со членството и предлози за решавање на клучни проблеми со кои се соочуваат работниците во МВР.

Најнапред мора да изразам задоволство од заедничкиот став на СПМ и Министерот Тошковски во однос на враќање на достоинството на полицаецот и заложбите на двете страни за повисоко ниво на професионализам во сите аспекти на работењето и функцијата на МВР. Заклучокот е тоа што овие два аспекти мора да бидат императив во понатамошната работа, како што и самиот Министер нагласи.

Како синдикат, како гледате на последните истраги кои се спроведуваат во рамките на МВР?

Како Синдикат изразуваме поддршка на најавената ригорозност и бескрупулозна борба против негативните и криминалните појави во МВР која ја најави Министерот на тој состанок, ги подржуваме во целост неговите напори и заложби за враќање на достоинството и професионализмот во МВР што воедно е и основа на функцијата и мотото на СПМ, но исто така изразивме став во кој најавивме дека цврсто стоиме на страната на работникот и дека и во иднина, како и досега, приоритет на СПМ се правата и подобрувањето на економско-социјалниот статус на работниците во МВР.

Дојдовме до заклучок дека МВР мора да спроведе процес каде единствено мора да ги истера „криминалците“ од Полицијата (вработените ќе разберам на што мислам). За тоа Министерството за внатрешни работи ја има нашата подршка и ќе ја има  во иднина.

Поднесовте и неколку барања до МВР, едното се однесува за безбедност и здравје при работа на вработените, а другото за решавање на проблемите на одредени вработени. Објаснете ни повеќе околу овие барања?

Барањата и проблемите во Полицијата не се мала бројка и мал  проблем. Најнапред ќе го спомнам она можеби едно од најпотребното како основа за враќање на професионализмот во полицијата. Неодамна поднесовме барање до МВР и Собранието на Република Македонија за измени на членовите 382 и 383 од Кривичниот Законик и тоа за кривичните дела “Спречување и напад на овластено службено лице”. Со предложените законски измени на Кривичниот законик бараме да се исправи неправдата која со години наназад им е нанесена на полициските службеници односно замена на парична казна со минимум три години затвор ќе се допринесе за поголема казнивост на сторителите, поголема заштита на Полицискиот службеник со што ќе му се влее самодовербата и мотивираност за квалитетно вршење на полициските работи односно постојната казна предвидена како парична, ќе му биде заменета со активна казна затвор.

Поднесовме барање да се почитуваат одредбите на правилникот за заштита при работа на работниците во МВР каде на одредена категорија на работници во ОКТУПА и ПС и ПО за БПС заради отстранување на штетните последици предизвикани од посебните услови на работа МВР мора да им доделува зајакната исхрана за секој работен ден од ½ литар млеко или јогурт (по желба на работникот). Барањето и борбата за повисоки плати и конечно основната плата да биде на рангот или повисока од минималната плата, веќе тоа е прашање кое до наредната година ова време ќе биде решено со отпочнување на примена на новиот закон за внатрешни работи.

Поднесовме и барања за итна набавка на панцири и заштитни плочи со застарен рок (поминат гарантниот рок) повеќе од 20-30 години. За запознавање, во Министерството сеуште се употребуваат панцири и заштитни плочи од 1991 година па дури и пред тоа, шлемови од 1991 и за жал заштитни маски кои последната контрола ја имале и се постари од стажот на сите вработени во МВР (иако гарантниот рок на сите им трае пет години).

Тука ќе ги спомнам барањата за  подобрување на условите за работа на вработените во МВР и тоа задолжително исплаќање на трошоци за превоз на сите работници распоредени надвор од местото на живеење без нивно барање, итна и целосна набавка на униформа (а не само делови од униформа) и конечно ставање во употреба „ваучер системот“ и нормално воведување на нов вид на униформа подобра и попрактична за работа на работниците на терен, стоп за секојдневни неосновани дисциплински постапки, истите доколку бидат поднесени да бидат правно издржани со докази а не поднесени по секоја цена, стоп за злоупотреба за распоредот за работа во ПС и ПО (ова од честа причина што одреден вид на раководители буквално „се изживуваат“ над работниците), решавање на проблемите околу недостигот на возила во орг.единици, речиси и да нема организациска единица каде го нема овој проблем во полициските станици, формирање на комисија која ќе има задача да ја скенира состојбата со полициските станици каде условите за работа се повеќе од лоши, со директно учество на синдикатите во детектирање на проблемите и условите за работа, доследно почитување на одредбите од Колективниот договор на МВР и позитивните законски прописи во надлежност на МВР, вишокот на прекувремени часови да се остварува со слободни денови исклучиво по барање на работникот, да се обезбеди превоз за работниците за присуство на дисциплински постапки и постапки за материјална одговорност и увид во доказниот материјал, да се запре злоупотребата со прекувремените часови во СВР и и останатите организациски единици од страна на раководните кадри со привилегирање на вработени и да се престане во “трката” за бонус платата, да се изврши контрола на начинот на вршење на контрола и надзор во работењето од страна на работниците, исплатата на бонус платата да биде исплатена во законскиот рок, разгледување на барањето на СПМ за десет плати опремнина при одење во пензија наместо досегашните пет, доделување на плакета и признание на сите бранители во 2001 година, потреба за обука на сите вработени во МВР…..

Списокот со барања и детектирање на проблемите не завршува тука, но време е да се започне проблемите да се решаваат дел по дел.

Во изминатиот период, т.е. од почетокот на формирањето на синдикатот се соочувававте со бројни проблеми. Дали сега работите се подобрени?

Да точно е дека со нашата синдикална активност во изминатиот период преку презентирање и гласно говорење за проблемите во МВР како Синдикат бевме изложени на секакви малтретирања (мислам на синдикалните претставници), распоредувања, измислени дисциплински, мобинг и што ли уште не. Успеаја „благодарение“ на неколкумина кои дадоа лажни изјави да ни поднесат неоснована и монтирана кривична пријава, на секаков начин кршејќи го законот и Уставот сакајќи на било каков начин да не замолчат иако самите се уверени дека не успеаја. Многумина такви кои се продадоа за мали функции или решенија, еден ден се надевам ќе сватат дека згрешиле и колку згрешиле, наше ќе биде дали ќе им простиме. Пак ќе кажам тоа време таканаречено „времето на Обиџуковизмот“ и полтронизмот на поединци НИКОГАШ да не се врати, затоа што последиците од тоа време уште долго ќе бидат присутни и ќе се чуствуваат во МВР и се надевам ќе бидат искоренети за брзо а се со цел да се врати професионализмот во Полицијата. 

Во поглед на вториот дел од прашањето, одговорот е секако да и се додека има добра војла и мисла од страна на првиот човек во МВР верувам дека работите ќе бидат и одат кон подобро. Тука нормално ќе спомнам и големата улога која ја има и Бирото за јавна безбедност, предводена од човек кој досега одлично си ја работи работата и објави сериозна борба против криминалот и корупцијата во Македонија.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.