ИНТЕРВЈУ – Проф. Д-р. Јовевски: Првиот чекор кон решавањето на злоупотребата на социјалната помош е Законот за работно ангажирање
Интервју во два дела со универзитетскиот професор и експерт од областа на трудовото и социјално право, Проф. Д-р Лазар Јовевски. Во првиот дел разговараме за проблемите во работните односи, за тоа какви промени му се потребни, како да го намалиме одливот на мозоци, парадоксот со недостигот на работна сила и злоупотребата на социјалната помош од оние кои работат во сивата економија.
Каде ги лоцирате најголемите проблеми во сферата на трудот?
Па најнапред би издвоил дека постојат два крупни аспекти коишто предизвикуваат проблеми и таму ги лоцирам главните точки што треба во иднина да се подобруваат. Првото е аспектот, всушност, усогласување на законските одредби со реалните потреби и со новите состојби во светот на трудот коишто не ја одбегнуваат ниту Македонија, како што се дигитализацијата и вештачката интелигенција, но и одредени решенија кои треба законски да се подобрат за да може да имаме функционални одредби.
Вториот аспект каде што треба да се интервенира е делот на практичната примена. И ова не е само нормативен дел; ова по себе подразбира и култура на примена, контрола, надзор и санкција. Ова, според мене, се двете најкритични точки коишто го обременуваат македонското законодавство во периодов, но го обременуваа и во претходните години. Ако не преземеме итни чекори на менување на овие два моменти на непримена на правото, тогаш не верувам дека и во иднина ќе имаме подобри резултати. Значи, треба да се подобрат одредбите и нивната примена во пракса.
Какви промени му се потребни на трудовиот систем во Македонија?
Светот на трудот во Македонија е своја приказна, меѓутоа има и одблесоци од тоа што се случува на регионален, европски и меѓународен план. Состојбата е таква што навистина во годините коишто следуваат, ќе треба сите социјални партнери (Владата, синдикатите и работодавачите) да се обединат, со цел препознавање на македонските предизвици во светот на трудот и нивно решавање. Делот на подобрување на законските решенија според нашите потреби и според нашите можности, како и создавањето на една култура и свест на примена на законските одредби, во многу нешта ќе ја подобрат реалната состојба на терен.
Во однос на предизвиците со коишто можеби во иднина ќе се соочуваме, а тоа се неколку глобални предизвици, за коишто ние мораме да бидеме подготвени, а тоа е промената на концептот на функционирање на економијата преку воведување на вештачка интелигенција и дигитални платформи. За ова во следните пет до осум години ќе има драстични промени, на европско, но и на светско ниво. Ние овие работи ги препознаваме, меѓутоа ќе треба, не само да ги препознаваме, туку и да се подготвиме, со цел да бидеме во тек и да бидеме конкурентни како пазар на труд, но и како економија. Трудовото законодавство може да помогне многу во таа насока, доколку е нормирано.
Како можеме да го намалиме одливот на мозоци?
За тоа ни се потребни сет на мерки коишто мора да бидат синхронизирани, координирани и усогласени. Треба да се работи со луѓето, треба да се разбере дека луѓето се најголемиот потенцијал. Треба да се стимулираат уште од почетокот на нивното образование. Треба да се даваат одредени субвенции и мерки коишто ќе помогнат младите да се задржат во земјата и да се охрабруваат да влегуваат во бизнис, односно да не им биде секогаш приоритет наоѓањето на работа, туку и да се размислува за тоа да се создава бизнис, да им се понуди таа опција, но и да им се понуди и менталитет за разбирање на тоа што е бизнис. И секако – што е многу важно – а тоа е да се создадат економски услови во земјата во коишто ќе имаме владеење на правото, економски раст, коишто на природен начин, без посебни интервенции, ниту од државата, ниту од други субјекти, како што се синдикатите и работодавачите, ќе се овозможи да имаме еден природен баланс во однос на тоа што се случува на пазарот на трудот.
Имаме природна потреба од млади луѓе, економијата тоа го генерира како потреба, и на тој начин младите луѓе имаат повеќе можности да останат во државата и да најдат работа којашто ќе биде согласно нивните амбиции и потреби. Да не заборавиме, економскиот аспект е многу важен, но уште повеќе, според мене, е важно владеењето на правото, односно постоењето на правна држава која гарантира извесност, која на младите им е многу важна, во однос на тоа што ќе се случува и во економијата, судството, администрацијата… за да знаат на што се и за да можат да си ја планираат иднината во својата земја.
На работодавачите им недостигаат 10,000 работници, а како невработени се водат над 100,000 граѓани? На што се должи ваквиот парадокс и како да го решиме?
Парадоксот на македонскиот пазар на труд се должи на несоодветната евиденција којашто треба да се прочисти во рамки на Агенцијата за вработување и на системот којшто нема, би рекол, вистинска контрола и надзор на оние коишто најчесто се корисници на социјална помош или други социјални права. Тие не сакаат да влезат во системот на трудот поради стравот на губење на статусот којшто го имаат согласно законот за социјална заштита. Исто така, особено во одредени гранки, имаме поголем процент на недостиг на работна сила, додека во одредени гранки таа потреба е мала, а некаде има и вишок на работна сила. Така што, структурата на потребата од нови работници не е униформна за целото стопанство, туку е во однос на различните потсектори во самото стопанство.
Вие делумно ја начнавте темата за надзор на примателите на социјална помош и непречистениот список во Агенцијата за вработување. Како да почнеме со решавање на проблемот во Агенцијата за вработување во однос на непрочистените списоци и злоупотребата на социјалната помош од страна на оние кои работат на црно?
Секако се потребни одредени законски интервенции коишто ќе бидат применливи во пракса. Првиот чекор веќе е направен со донесување на Законот за работно ангажирање, каде што лицата коишто користат социјална помош, ќе можат да бидат работно ангажирани, без притоа да го изгубат својството на корисници на социјална помош. Значи, ние ќе видиме кои од тие луѓе кои користат социјални права се работоспособни и кои реално сакаат да влезат на пазарот на трудот. Статистиките покажуваат дека дел од нив веќе работат на „црниот“ пазар, каде што земаат одредени примања коишто ја надминуваат и просечната плата на граѓанин во државата. Тоа е едниот аспект. Вториот аспект е менување на системот на социјалната заштита со воведување на одредени мерки коишто ќе дестимулираат зголемување на бројот на баратели на социјална помош. Не е идејата системот да го поддржува зголемувањето на бројот на баратели на социјална помош, туку напротив да им помага на луѓето што пократко време да бидат во состојба на социјална загрозеност, односно на маргините на пазарот на трудот. Побрзо да излегуваат од таа состојба и побрзо да влегуваат на пазарот на трудот, односно да се вработуваат и да остваруваат сопствени приходи на законски начин. Претходниот пристап и менталитет беше да се отвори системот и што повеќе луѓе да земе под своја заштита. Тоа има свој ефект и своја логика – кога се сака да се препознаат социјалните категории – меѓутоа тоа е само првиот чекор. Вториот чекор мора да оди во насока луѓето да бидат оспособени и да влезат на пазарот на трудот. Корисниците на социјална помош влегуваат, но најчесто на „црниот“ пазар. Тоа мора да се измени со законски решенија.
Продолжува…

