ИНТЕРВЈУ со авторката на интерактивната книга „Политички говори и јавни настапи“, Магдалена Стојмановиќ

Разговараше: Бобан Илијевски

Интервју на порталот Работник со авторката на книгата „Политички говори и јавни настапи“, Магдалена Стојмановиќ, во кое таа зборува за истата.

Оваа книга неодамна беше објавена, па тоа беше повод да го направиме ова интервју, во кое Стојмановиќ одговора на неколку прашања давајќи ни подлабок увид во содржината на ова дело.

Во текот на интервјуто Стојмановиќ ќе истакне: Книгата „Политички говори и јавни настапи“ претставува теориски приод во третирање на конкретни политички говори кои го промениле текот на историскиот и цивилизациски прогрес, ги унапредиле правата на заедницата или претставуваат хуманистички идеал. Исто така, во книгата се содржани бројни авторски коментари на познати случувања од светската јавна и политичка сцена. Во принцип книгата е еден тип на понуда за читателот како може да ги преципира, дешифрира и разбира случувањата кои биле или се дел од неговото сведоштво.

Во продолжение целосното интервју:

Б.И.: Речиси кај сите автори постои поттик, кој условно кажано, ги натерал да создадат одредено авторско дело. Што Вас Ве поттикна за да ја напишете книгата „Политички говори и јавни настапи“?

М.С.: Книгата „Политички говори и јавни настапи“ е воедно и долго планирано дело, но и книга која беше напишана во релативно кус временски период. Моето социолошко образование ми овозможи категоријален апарат, метод и терминологија преку кои на општ начин можам да пристапам на темите поврзани со политиката и јавните настапи. Говорите се во фокусот на мојата анализа и коментирање, бидејќи и општо најмногу се обрнува внимание токму на нив. Знеме дека политичарите во голем број случаи на јавноста и се обраќаат со говори кои однапред се добро подготвени и ревидирани од нивните советници и ПР служби и тие се начинот на кој политичарот го гради својот имиџ. За жал на имиџот или на сликата која политичарот ја создава за себе се обрнува многу поголемо внимание одошто на неговата работа и дела. Јавноста е шокирана како е можно да се прават огромни ПР при отворање на автопат лента во должина од неколку стотици метри и да се трошат огромни пари од буџетот на маркетинг агенции.

Едноставно политичарите се служат со митови кои треба да ја обезбедат нивната позиција на моќ во заедницата. Особено културата во рамките на нашиот регион стимулира потреба од т.н харизматски тип на лидери кои лесно се претвораат во автократски профили, па дури и диктатори. Ако поединецот не се глорифицира, тогаш се глорифицира група на луѓе или олигархија. Нашиот регион е плодно подрачје за раст и развој на лоши форми на општествено уредување како што ги нарекуваше Аристотел во „Политика“ и покрај тоа што номинативно ние се декларираме како демократско општество.

Б.И.: Во кратки црти, за што станува збор во книгата?

М.С.: Станува збор за видео и интерактивна книга. Тоа треба да се издвои како главна специфика на книгата бидејќи преку видео илустрациите книгата добива оригинален и уметнички приказ, а интерактивноста дозволува таа понатаму да добие мултипликација и да се развива и расте во интеракцијата со нејзиниот читател.

Голем број од темите се прикажани преку видео илустации до кои се стигнува со скенирање на QR кодот впечатен на страниците од книгата. Услов да ги погледнете илустрациите е да го скенирате QR кодот и да сте вмрежени на интернет преку вашиот мобилен телефон, или како што популарно се нарекува да имате „паметен уред“. Идејата ми беше мобилните телефони и дигиталните алатки да се применат „паметно“ во читање на книги и да му отворат на читателот нови семенатички можности на разбирање на четивото наместо да му прават дигресија.

Книгата „Политички говори и јавни настапи“ претставува теориски приод во третирање на конкретни политички говори кои го промениле текот на историскиот и цивилизациски прогрес, ги унапредиле правата на заедницата или претставуваат хуманистички идеал. Исто така, во книгата се содржани бројни авторски коментари на познати случувања од светската јавна и политичка сцена. Во принцип книгата е еден тип на понуда за читателот како може да ги преципира, дешифрира и разбира случувањата кои биле или се дел од неговото сведоштво.

Б.И.: Со оглед на тоа дека книгата е и еден вид анализа на политичките говори и јавни настапи кај нас, каков импакт очекувате да им врз читателската публика?

М.С.: Мојот тираж не е голем, а тоа доволно говори дека моите очекувања не се делото да стане беселер или популарна книга од која може да се профитира. Можеби звучи малку дрско и арогантно, но јас својата читателска публика ја издвојувам од просечната читателска публика. Едноставно за да се чита делото, прво треба да постои подлабок интерес за теми со кои сите би сакале многу површно да се занимаваме, второ книгата е оптоварена со теории, а теориите не создаваат возбуда за повеќето луѓе и трето книгата содржи авторски коментари што се последица и на лични убедувања, а луѓето често имаат проблем со туѓите лични ставови, треба некому да сте му пресимпатичен или истомисленик да би трошел време читајќи ги вашите коментари.

Како и да е, оние кои ќе ја прочитаат книгата ќе добијат поширок преглед кон политичките случувања на денешницата преку анализа на политичките говори на политичарите. Говорот на политичарот нема иста тежина со говорот на еден просечен човек, токму поради тоа што тој треба да претставува говорен чин, односно да внесе практични промени во општествената реалност. Затоа и посебно внимание му се обрнува токму на говорот. Во случајот на политичарот самиот говор веќе треба да значи дело, што за жал не е така.

Можеби бројот на читателите на книгата е мал, но јас секогаш се водам од фрагментот на Хераклит во кој вели: „За мене и еден е подобар од сто илјади, ако е најдобар!“.

 Б.И.: Која е пораката што сакате да ја пренесете преку ова дело?

М.С.: Преку книгата сакам да пренесам порака дека политичкиот и јавниот свет не треба да се разбираат со таква леснотија, како што се разбираат сега од повеќето луѓе. Кратките твит коментари или фејсбук анализи толку го девалвираат значењето и тежината на јавниот дискурс да го сведуваат на обичен кафански разговор што го прават или луѓе под еуфорија или мртви пијани луѓе во стадиум на агресија.

Токму поради тоа што секој може на секаков начин да ја коментира политиката и јавниот живот, тие стануваат непожелни професии и со јавниот и политичкиот живот денеска најчесто се занимаваат медиокритети. Тоа се луѓе со многу амбиции и малку способности и тие создаваат своја култура во која поединците што имаат квалитети треба да покажат многу храброст за да влезат во политиката. Но и тие, квалитетните поединци со тек на времето престануваат да се разликуваат од другите, бидејќи мала точка светло во огромен тунел мрак со далечината од временската дистанца почнува да бледее, за да на крај скоро и да не можете да ја видите.

Со книгата апелирам граѓаните прво да се стекнат со доволно концепти, термини, знаења и категории што ги нудат поединечните науки, па потоа да се впуштаат во коментирање на сериозни теми. Темите за политика и јавност, често не се теми на прашање за живот и смрт на поединечен човек, но се прашање за живот и смрт за цели општества и цивилизации. Затоа внимателно со нив!

Б.И.: Каде може да се најде книгата „Политички говори и јавни настапи?

М.С.: Книгата „Политички говори и јавни настапи“ во моментов е достапна во книжарницата „Или – Или“ која со децении наназад работи вредно на афимирање на младите македонски автори. Искрени честитки и благодарност за нивната заложба!