СветСветот на работникот

Истражување: Менаџерите се чувствуваат како „бебиситери“ на вработените од генерацијата Z

Менаџерите во САД се чувствуваат како да се „бебиситери“ на вработените од генерацијата Z, поради нивниот недостаток на основни работни вештини, се наведува во еден извештај.

Анкетата спроведена од сајтот ResumeTemplates открива дека 68% од менаџерите го споредуваат надгледувањето на вработените од Gen Z со родителство, додека 54% велат дека тоа им наликува на чување деца.

„Тоа е исцрпувачки. Поголемиот дел од времето се чувствувам како дадилка што се обидува да научи деца лекции што тие одбиваат да ги прифатат“, изјавил еден менаџер во делот од анкетата со отворени одговори.

Според резултатите, 41% од менаџерите велат дека мора редовно да ги потсетуваат вработените од Gen Z да ги тргнат телефоните, додека 38% често ги охрабруваат да воспоставуваат контакт со очи за време на разговорите.

„Најголеми проблеми се управувањето со времето и да останат подалеку од телефоните“, изјавил еден од менаџерите.

Повеќе од четворица од десет испитаници посочиле дека редовно ги потсетуваат младите вработени да доаѓаат навреме (48%), да ги завршуваат задачите во дадениот рок (46%), навремено да одговараат на пораки и мејлови (47%), како и да комуницираат професионално (41%).

Покрај овие основни работни навики, менаџерите посочуваат дека морале да ги учат припадниците на Gen Z и на фундаментални деловни вештини, како што се: прифаќање на повратни информации без лична навреда (59%), соодветна комуникација со клиенти и колеги (46%) и ефективно извршување повеќе задачи истовремено (45%).

„Генерацијата Z се како деца кои не биле правилно воспитани, па не знаат како да функционираат во општеството“, изјавил еден од испитаниците.

Зошто е ваква ситуацијата?

Ова не е првпат работодавачите да изразуваат загриженост за работната етика на генерацијата Z. Претходни истражувања, исто така од ResumeTemplates, покажале дека и клиентите се жалат на однесувањето на младите вработени.

Уште еден извештај, објавен од порталот Intelligent.com, покажал дека работодавачите имаат проблем со тоа што младите доцнат на работа, не се облекуваат професионално и испорачуваат неквалитетна работа.

Главната кариерна советничка на ResumeTemplates, Џулија Тутејкер, смета дека овие проблеми се поврзани со начинот на кој припадниците на Gen Z влегоа во светот на работата – за време на пандемијата.

„Многумина следеа настава и стажираа онлајн, па ги пропуштија можностите за учење во живо, неформалните ситуации за стекнување знаења и набљудување на основните правила на однесување на работното место. Дополнително, многу компании ги намалија инвестициите во обука и поддршка на новите вработени поради кратењата во HR секторите“, изјави Тутејкер.

Сепак, таа предупредува дека оставањето на менаџерите сами да ги подучуваат младите на основни работни вештини може негативно да влијае на целиот тим.

Извор: BIZLife.rs