Како да се подготвите за интервју за работа – Совети од Дарко Петровски, професионалец за човечки ресурси

Процес преку кои се селектираат идните вработени од страна на одредена компанија. Вака отприлика би гласела дефиницијата за интервју за работа.

Порталот Работник во повеќе наврати има пишувано на повеќе теми во контекст на овој процес, но она што немавме досега направено, е да побараме став од македонските професионалци од областа на човечките ресурси. За таа цел, разговараме со Г-динот Дарко Петровски, основач на компанијата за обуки, консталтинг и тренинг Талент бизнис инкубатор Степ-ап, долгогодишен директор за човечките ресурси и Претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси.

Го запрашавме за тоа што би ги советувал кандидатите за работа да направат за да се подготват за интервју за работа.

Г-динот Петровски посочи пет чекори коишто би требало да ги земете во предвид кога се подготвувате за интервју за работа, а еве кои се тие:

  1. Информирајте се што е можно повеќе за компанијата

Добро проучете се што можете за организацијата во која сте повикани на интервју, објаснува Петровски. „Имајте предвид дека покрај официјалните информации до кои можете да дојдете во денешно време преку интернет, обидете се да пронајдете информации од други извори“, рече Петровски, појаснувајќи дека тоа можат да бидат сегашни и поранешни вработени кај работодавачот, лица кои имале контакти и соработка, како деловни партнери, соработници, купувачи и слично.

Петровски советува и да се распрашате за организациската култура, структурата, односот кон вработените, начинот на менаџирање и платите, потенцирајќи дека некогаш информациите можете да ги добиете и преку форуми.

  1. Добро анализирајте ги информациите за работното место

Регрутерите, менаџерите за човечки ресурси или работодавачите очекуваат од вас добро да го имате разгледано и сфатено описот на работното место кој стои во огласот. Ова го нагласува и Петровски велејќи дека потребно е детално да ги проучите информациите за работното место, пред сѐ од огласот, но и од други извори.

„Анализирајте ги барањата и согледајте ги сите оние елементи во кои во целост ги исполнувате условите, за да можете да ги потенцирате во текот на интервјуто“ – вели Петровски.

Тој советува и да подготвите соодветни одговори и за условите кои не ги исполнувате во целост. Бидете искрени во вашите одговори и не создавајте некаква поинаква слика за себе од тоа што навистина сте.

Доволно е да покажете подготвеност за учење и флексибилност за брзо прилагодување, појаснува Петровски.

  1. Визуелизирајте го интервјуто за работа

Во голем дел од случаите помага и доколку пред интервјуто за работа, седнете на стол и замислите како би можело да се одвива истото. Ова го предлага и Петровски, кој вели дека би требало да се обидете да визуелизирате повеќе можни сценарија и да одговарате на можните прашања и ситуации во кои би можеле да се најдете.

„Ова многу ќе ја зголеми вашата подготвеност и самодоверба, доколку се најдете во слична ситуација. Самодовербата е клучна за позитивен исход“ – вели Петровски.

  1. Бидете таму порано од договореното време

Секогаш бидете пред времето договорено за интервју, сугерира Петровски. На тој начин ќе имате време да се прилагодите на околината, да ги консолидирате своите мисли и чувства и да се подготвите за сигурен настап. Посочи дека доцнењето остава лош прв впечаток.

„Изберете облека во која ќе се чувствувате удобно и пристојно. Облеката може дополнително да ви даде чувство на самодоверба. Исклучете го вашиот мобилен телефон пред да влезете. Знајте дека на едно интервју, вие самите сте си најголемиот непријател, особено ако ве фати нервоза или трема, што може негативно да влијае на текот на вашата мисла“, вели Петровски.

  1. Одговарајте одмерено на прашањата

Не постои втора шанса за добар прв впечаток, порачува Петровски, сугерирајќи дека поради тоа треба да направите претходни подготовки за првичниот контакт и да ја искористите можноста уште на почетокот да воспоставите рапорт (искрена и срдечна релација со интервјуерите).

Не заборавајте да останете смирени и природни, рече Петровски и посочи дека треба одмерено да одговарате на прашањата, да не брзате и да земете време за избалансирани и прецизни одговори. Не дозволувајте да паднете на провокации и употребете ги својот шарм и духовитост.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.