Останато

Кампањите си течат, работниците плачат и молат за плата, но караванот си врви

Според она што го велат дел од синдикалците, речиси 5,000 работници во Македонија немаат добиено плати за неколку месеци. 1,800 од нив се вработени во „Национални шуми“. Моите информации велат дека тие ни во петокот не зеле плата, иако директорот најави дека очекува токму во текот на тој ден да биде пуштена платата за февруари.

Пред два дена, за потребите на медиумот каде што сум дописник од Македонија, разговарав и со еден од вработените во „Национални шуми“ кој е на минимална плата од 22,500 денари која речиси три месеци ја нема земено. На човекот воопшто не му се зборуваше. Беше крајно разочаран и бесен за тоа што е оставен без пари и мора да се позајмува за да може да преживее. Рече дека месечно му се потребни 600 до 700 евра за да ги покрие само основните трошоци. Плус, вработените немаат ни здравство, па дел од неговите колеги кои требало да се оперираат или да извршат некој медицински преглед, морале да одложат оти немаат пари за да платат приватно.

Со исти проблеми се соочуваат и дел од вработените во приватниот сектор. Неодамна од Здружението „Гласен Текстилец“ за порталот Локал Актив рекоа дека има случаи каде што работници се вработени на нула месеци. Тоа значи дека работодавачот може да ги отпушти веднаш, без да има причина за тоа. Дури во еден од случаите, лицето добило отказ на сред улица. Работодавачот му рекол да му ги предаде сите работни алатки на лицето кое го довел со него. Иако Законот за работни односи не предвидува на колкав период треба да биде договорот, сепак ваквите постапки воопшто не се етички. Со самото ова, работниците кои ќе се најдат во вакви или слични ситуации остануваат и без плата и без здравствено осигурување.

Да се вратиме на вработениот во „Национални шуми“. Тој ми рече и дека 20 години не бил со неговото семејство на одмор и дека одењето на пет дена во некој од туристичките центри во Македонија за него е мисловна именка, додека одењето во некоја од соседните држави е непоимливо. Инаку, според податоците на Евростат, 50 % од Македонците не можат да си дозволат годишен одмор.

И додека работниците мака мачат да преживеат, изборните кампањи си тераат без проблем, а ветувањата фрчат, или што би се рекло кучињата лаат, караванот врви. Никој од актуелните властодршци не застана да се осврне кон работниците. Ветуваат минимални плати од 600 евра, просечни од 1,100, а луѓето не можат да ги земат ни платите од 360 евра, кои можат да им обезбедат храна само десетина дена во месецот.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk