Ковачевски: Поддршка за граѓаните, енергетска транзиција и конкурентност на компаниите со новиот Буџет на Министерството за економија

Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за економија, Крешник Бектеши го презентираа новиот Буџет на Министерството за економија за 2023 година. Премиерот Ковачевски посочи дека новиот Буџет на Министерството за економија се темели на развојни програми со развојни мерки, чија што цел е во оваа тешка економско–енергетска криза да овозможат поддршка за граѓаните, како и одржливост и конкурентност на компаниите.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Добро утро и Ви благодарам за присуството на денешната заедничка прес-конференција.

За почеток сакам да им честитам на пратениците за усвојувањето на новиот Буџет за 2023 година, Буџет кој ќе има специфична задача. Од една страна да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, а од друга страна да постави основа за економско заздравување, а потоа и забрзување на економскиот раст.

Конкретно тој треба да обезбеди сигурност, стабилност и основа за понатамошен забрзан економски раст. И јас лично ќе се заложам за исполнување на овие цели.

На претходните прес-конференции ги презентиравме дел од Предлог буџетите на министерствата. Во насока на транспарентно информирање денеска заедно со министерот Бектеши ќе го презентираме усвоениот, нов Буџет на Министерството за економија за 2023 година, во кој се содржани дел од мерките за поддршка на граѓаните, за стопанството, за енергетска транзиција.

Тоа се мерки кои овозможуваат стабилност, сигурност и се основа за понатамошен развој.

Вкупниот Буџет за 2023 на Министерството за економија изнесува околу 19 милиони евра и се темели на развојни програми со развојни мерки, чија што цел е во оваа тешка економско–енергетска криза да овозможат поддршка за граѓаните, како и одржливост и конкурентност на компаниите.

Во моето обраќање ќе се задржам на дел од програмите и мерките, а министерот Бектеши ќе зборува повеќе за деталите од новиот Буџет.

Во оваа тешка криза со која се соочува целиот свет, најважно за нас како Влада е да го заштитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, бидејќи како што повеќе пати имам кажано, никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата.

Затоа, за наредната година сумата за поддршка на граѓаните и компаниите, за  енергетска ефикасност и обновливи извори е зголемена за три пати. Односно за оваа намена за 2023 година се обезбедени 3,2 милиони евра.

Тоа се пари наменети за програми за справување со енергетската криза, за кои подетално ќе објасни министерот. Јас ќе посочам, дека и наредната година ќе ги субвенционираме сметките за струја за најранливите категории граѓани, оние со најниски примања и оваа програма ќе биде проширена со нови категории социјално ранливи граѓани.

Во 2023 година продолжува финансиската поддршка за домаќинствата за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи, како и замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци. Со ваквите инвестиции во обновливи извори,  се овозможува граѓаните да ги задоволат потребите за струја, но и да имаат заштеда во време на криза.

Како нова мерка во овој дел, е поддршката на дел од трошоците за изведба на приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа кај домаќинствата, онаму каде што има развиена дистрибутивна мрежа на природен гас. Оваа програма ќе помогне и за задржување на ликвидноста на јавните претпријатија кои се најмногу погодени од светска енергетската криза.

Енергетската криза исто така покажа колку се важни инвестициите во обновливи извори на енергија. Обезбедени се финансиски средства за изградба на фотонапонски централи и како резултат на забрзаната изградба на фотоволтаици од јавните огласи кои во изминатите две години ги објави Министерството за економија, а дел од нив се веќе и пуштени во употреба.

Еден податок дека од почеток на годината до сега се пуштени 141 мегават обновливи извори на енергија во државата.

Ставаме силен фокус на гасификацијата на државата, бидејќи тоа е придобивка и за граѓаните, и за компаниите, но и за заштита на животната средина. За наредната година преку новиот Буџет на Министерството за економија, се обезбедени 3,3 милиони евра  за реализација на Интерконекторот Северна Македонија – Грција, Северна Македонија – Косово, Северна Македонија – Србија како и ЛНГ Терминалот Александрополис, Грција.

Овие проекти овозможуваат стабилно снабдување со природен гас како извор на енергија по поволни цени, што е важно за граѓаните, за индустријата и за одржување на развојот на економијата.

Со над 1 милион евра го поттикнуваме развојот на претприемништвото и конкурентноста на малите и средни претпријатија, тие се моторот на нашата економија.

Преку кофинансирање на трошоците за набавка на машини и алати, за женско претприемништво, овозможуваме во оваа криза да имаат одржливо производство, да инвестираат и да можат да прераснат во големи претпријатија.

Околу 530 илјади евра се наменети за Програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествена одговорност, која што опфаќа субвенции за претпријатијата , поддршка на лаборатории, зајакнување на организациите за поддршка на бизнисот.

Нашата држава изобилува со региони кои се  вистинска туристичка атракција. Преку развојот на туризмот ја промовираме нашата земја. Со новиот Буџет на Министерството за економија за наредната година обезбедени се 385 илјади евра за мерки за поддршка на туризмот.

Почитувани медиуми и граѓани,

На крајот сме на една тешка година, исполнета со многу предизвици од тоа дали ќе има храна, енергенси, струја, до тоа дали навремено ќе се сервисираат пензиите, платите, социјалната помош, поддршката за компаниите. Во изминатите скоро 12 месеци, бидејќи се наоѓаме на крајот на декември, се вложивме максимално, донесовме навремени, таргетирани антикризни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството и успеавме да ја заштитиме македонската економија и животниот стандард.

Тука сакам да се заблагодарам на сите министри од економските ресори, кои деноноќно работеа на обезбедување на сé што е потребно во овие 12 месеци државата да функционира без никакви прекини.

12 месеци во државата имаме непречено снабдување со електрична енергија, немавме ценовен шок за граѓаните, имаме непречено снабдување со храна, субвенциониравме струја за основни прехранбени производи. Сé што беше потребно, беше обезбедено за граѓаните.

Ние нашата работа не ја базиравме на прес-конференции, на колумни и на ТВ настапи, туку ја базиравме на деноноќна работа во која што сите имавме една цел, а тоа е никој да не биде оставен сам.

И имаме резултат – има храна, енергенси, струја, навреме се исплаќаат платите, пензиите, навреме се исплаќаат платите, навреме се исплаќа социјалната помош и сите во поголеми износи од тоа што беа во текот на минатата година.

Тоа е моја задача, задача на целата Влада, да работиме на сигурност, подобра иднина и просперитет на сите граѓани.”