МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Која е поенатата на законските решенија за работни односи во Македонија?

Пишува: Бобан Илијевски 

Законското решение за недела неработен ден коешто завчера беше усвоено од Собранието, отвори една голема дискусија кај коморите, работодавачите и синдикатите.

Стопанската комора на Северна Македонија најави дека ова законско решение ќе го оспори пред Уставниот суд поради тоа што, како што велат, има многу неуставни елементи. Од Комората остануваат на ставот дека никако не смеат да запрат производните процеси бидејќи на тој начин, одредени индустрии ќе претрпат сериозни загуби. Според нив, доколку не работат во недела, тоа ќе повлече и понеделник додека се подготви производниот процес за повторна работа, со што би изгубиле два дена во неделата. За нив е дискриминација тоа што на компаниите од дејноста трговија им се наметнува да исплаќаат 100 % поголема дневница, а на останатите 50 %. Со овој став е согласуваат и дел од синдикатите.

Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека минатата година спровеле анкета за тоа дали недела треба да биде неработен ден и заклучокот е дека нивните членки не се против ова законско решение, се додека има соодветни исклучоци во Законот, односно тие исклучоци се дејности чии технолошко – технички процес не може да биде прекинат во текот на неделата.

Во однос на дополнителните трошоци кои им се наметнуваат на компаниите од трговијата со Законот за трговија, а тоа се 100 % зголемена дневница и 2 % исплата на годишно ниво кон државата, сметаат дека не е во ред да се наметнуваат вакви трошоци, поради тоа што пандемијата нанесе голем удар врз економската активност и работењето на компаниите. Посочија дека ќе треба да се направи истражување меѓу членките, за да се види дали тие 2 % ќе бидат значителни за нив, по што би ги соопштиле резултатите од истото.

Претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, вчера во „Топ тема“ на ТВ Телма посочи дека доколку законското решение испадне дека е противуставно, ние сме потрошиле две години на празно, наместо да креираме вистински политики во насока на подобрување на трудовата легислатива. 

За синдикатите, особено за Конфедерацијата на слободни синдикати, со ова законско решение се манипулираат работниците. Според нив, спорно е тоа што ќе работат речиси сите дејности, па оттаму, како што велат, испаѓа дека денот недела повторно ќе биде работен. Синдикатот се противи и на тоа што наместо со Законот за работни односи, којшто е системски Закон за сферата на трудот, посебни одредби наменети за вработените во трговијата се регулираат во Законот за трговија, со што се заобиколува системскиот Закон, каде што треба да бидат пропишани сите одредби коишто се однесуваат на регулирањето на правата и обврските на работниците и работодавачите. На овој начин, според нив, се намалуваат, наместо да се зголемуваат работничките права, бидејќи Законот за работни односи е тој којшто ги пропишува минимални права на работниците, а не друг Закон.

Спорен за нив е и членот 8 од Измената на Законот за работни односи, односно законското решение за недела како неработен ден, кој вели: Дејностите и работите од ставот (3) алинеи 40 и 41 на овој член, ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот. Објаснувањето на КСС е дека капиталот може да изврши притисок врз Министерот за труд и тој или таа да вметнат дополнителни дејности преку Правилник, кој со ова законско решение му е овозможено да го изготвува токму Министерот.

Неодамна, во интервју за Порталот Работник, адвокатот Александар Димитријевиќ, потврди дека може да им се намали и основицата на плата на оние кои ќе работат во недела. Тоа, како што објасни тој, може да се направи на тој начин што додатоците заедно со платата можат да се израмнат и да се дојде во ситуација работниците да земат иста плата, како да работат во среда или петок, а не на неработен ден. Димитријевиќ посочи дека ова веќе се случува во пракса.

Според него, во најнеповолна ситуација ќе бидат вработените во приватниот сектор, најмногу поради тоа што голем дел од вработените се со договори на определено време.

Следниот договор по истекот на сегашниот ќе биде со намалена основица за да може да се израмни со дневницата предвидена за работа во недела“, вели Димитријевиќ.

Тој предупреди дека има голема веројатност да има и отпуштања од работа, особено во угостителскиот сектор. Во недела, според законското решение ќе може да работи само делот во кујната, бидејќи ќе може само да се доставува храна, па оттаму ако ресторанот има десет вработени, пет во кујна и пет келнери, тогаш во недела нема да има потреба од келнерите. Со ова, појасни тој, се ставаат во ризик работните места на келнерите.

Од Владата за порталот Работник рекоа дека законското решение ќе овозможи на 92 % од работниците во државата да одмораат во недела, додека околу 8 % од работниците кои ќе работат во недела, за нивниот ангажман ќе бидат платени со дополнително најмалку 50% зголемена дневница (100% за тие што работат во трговските центри). 

Останува да се види како ќе се спроведе ова законско решение во пракса од 1 јануари следната година и колку работниците ќе имаат полза од истото.