МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

КСС бара да прекине линчот врз јавната администрација

КСС - Работник
206views

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС  инспирирана од изјавите на одредени Министри во последните неколку денови, лицитирање со платите во јавниот сектор од одредени носители на јавни функции, како и одредени лидери на политички партии се одлучи да го достави ова соопштениe до јавноста со цел да ја изнесеме вистината и да прашаме за одредени болни  точки кои вешто ги кријат, па еве ги повикуваме сите споменати слободно да одговорат.

Соопштението ви го пренесуваме интегрално:

Како прво сакаме да прашаме дали јавноста е запознаена дека со владината одлука за кратење на надоместоците на плата во јавниот сектор, освен во секторите здравство, полиција и армија. Во јавниот сектор платите се скратени од 5% во образованието до 25% во одредени дејности во јавниот сектор. Но, сакаме да ги прашаме одговорните, дали може со уредба да се укинат стекнати права со одредени Закони и колективните договори, делови од тие закони да се суспендираат, а осoбено делови од Законот за работни  односи и правата од колективни договори коi имаат значење со сила на Закон, дали е тоа во линија на Уставот или некаде сте ја промашиле работата.

Второ вработените во јавниот сектор,  за да ја знае целата јавност вистината, од кога е продолжен полицискиот час од 16:00 да биде од 19:00, сите вработени секојдневно одат на работа како и пред корона кризата. Отсутни се само оние кои ги користат мерките за дете до 10 години како и оние со хронични болести, па ќе ги запрашаме работодавачите дали ги почитуваат мерките или делат откази, а надлежните дали инспекторатите си ја вршат својата работа. Вработените во детските градинки кои се со плата од 14 500 денари па нагоре во скоро време ќе отпочнат со работа, со цел ризик ќе ги отворат градинките, а наставниците кои што имаат on-line настава со која имаат до трипати повеќе работа вложуваат дополнителен  труд за да ги опфатат сите ученици.

Како трето делот од јавната администрација што беше ослободена од доаѓање на работа,  повторно да знае целата јавност за да не се лицитира, во времетраење од три до четири недели кога се очекуваше пикот на заразата секојдневно работеше од дома. Всушност тоа го дозволува системот и процесот на работа, но повторно делот како шалтерски работници и.т.н. секојдневно беше присутен на работните места. Впрочем многу вработени  во приватниот сектор работат од дома и до ден денешен, па ајде да дадеме предлог за намалување на платите, смешно. За овој многу битен момент имаме и едно прашање до надлежните кои ги повикуваме да дадат одговор пред цела јавност, кој ги завршуваше административните работи, кој ги спроведуваше мерките и уредбите, па поради немање дијалог  уредбите се преправаа многу пати во стилот пиши – бриши, па администрацијата имаше по неколку пати повеќе работа отколку вообичаено.

Како четврто ако се толку терет веќе скратените плати во јавниот сектор, кои и така се под републичкиот просек, зашто вработувате уште повеќе? Зошто согласно член 76 став 3 од ЗРО каде стои дека отказ следува кога ќе престане потребата, а во образците М1/М2 во агенцијата за вработување како причина стои ,,СЕ ВРАБОТУВА ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕН ОБЕМ НА РАБОТА” (само да знае целата јавност што е вистина) на повеќе од 15000 ВРАБОТЕНИ НА ОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ И ПОВЕЌЕ ОД 15 000 ПРЕКУ АГЕНЦИИ ЗА ПРИВРЕМЕНО ВРАБОТУВАЊЕ се уште примаат плата и се ангажирани. Впрочем само да потсетиме, а јавноста веќе знае дека непотизмот како афера не беше толку далеку, па истата нека суди. Па нели имаме намален обем на работа, нели не се работи???

Ако сакате да почнеме со штедење ајде да почнеме согласно Законите, ајде да видиме колку сте искрени па да ги откажете договорите на овие лица, во спротивно ќе може слободно да кажеме дека манипулирате.

Почитувани,

Вашите уредби за одлагање на кредитите и стопирање на извршителите со кои кажувате дека сте ни помогнале и затоа нема каде да ги потрошиме нашите скромни плати, кои и онака почнуваат од 14.500 денари и никако не го поминуваат републичкиот просек, со што сме единствен пример во регионот, Европа и пошироко, не ни помогнаа, напротив не оптоварија со уште поголеми долгови кои сега се собираат од каматите кои одат на сметка на банките и извршителите, вистина или не нека процени јавноста.

Тоа што државата нема пари во буџетот, за кој само пред еден месец велевте дека е полн, вие не сте ја менаџирале добро работата, и ние немаме никаква вина за тоа. Сега кога доаѓа време да се платат сметките криви се работниците во јавниот сектор, не, криви сте вие затоа што вие раководите со јавниот сектор. И сега кога нема пари станува јасно дека вашите закани за отпуштања во јавниот сектор стануваат реалност, дека вашите изјави за минимална плата на сите вработени во јавниот сектор стануваат реалност. Дали е ова вистина дали набрзо ќе се одлучите на ваков чекор?

КСС бара да прекине секојдневната кампања, со медиумско бомбардирање, со закани кон јавниот сектор за нивните и така мали плати и губење на работните места. Бараме да прекине линчот кон јавната администрација, во спротивно ќе одговориме достоинствено како и секогаш, но вината за последиците ќе биде ваша.