СветСветот на работникот

Заработува 2.200 евра месечно, но му е преку глава од работата: „Невозможно е еден човек да прави сè“

Работата во угостителството често значи работа под притисок, брзо темпо и извршување повеќе задачи истовремено. Но, еден работник во ресторан за брза храна вели дека стигнал до границата на издржливост, иако неговата месечна заработка, со вклучен бакшиш, понекогаш достигнува и 2.200 евра.

Своето искуство го споделил на „Редит“, каде што опишал како изгледа неговата секојдневна смена.

Работи од понеделник до сабота, секогаш во попладневната смена од 15 до 23 часот. Најголемиот проблем, како што вели, е тоа што во текот на целата смена е целосно сам.

Во истите осум часа мора да биде на каса, да работи на скара, да подготвува храна, да ги услужува гостите, да мие садови и на крајот да го исчисти целиот објект.

„На крајот сум и касиер, и мајстор за скара, и работник за подготовка на храна, и келнер, и мијач на садови и чистач – сè во исто време“, напишал тој.

Од подготовка на храна до чистење на целиот објект

Работата започнува и пред да пристигнат првите гости.

Секој ден подготвува меѓу пет и седум килограми кромид, околу пет килограми домати, три килограми кисели краставички и голема количина салата.

Кога ќе започнат нарачките, темпото станува уште поинтензивно.

„Кога сте сами со 10 гости одеднаш и треба да подготвувате, чистите и буквално да правите сè останато – од касата до скарата, бришењето и метлењето – тешко е да се стигне сè“, се пожалил работникот.

Но, со завршувањето на смената не завршуваат и обврските. Го очекуваат миењето на садовите и целосното чистење на просторот.

Платата е добра, но парите повеќе не се доволна мотивација

Работникот вели дека месечно заработува околу 1.700 евра, при што половина од платата ја добива на сметка, а другата половина во готовина.

Кога ќе се додаде бакшишот, вкупната заработка повремено достигнува околу 2.200 евра месечно.

Иако смета дека тоа е добра плата за градот во кој живее, парите повеќе не му се доволна мотивација да продолжи со истото темпо.

„Парите се добри, работата оди добро, но чувствувам дека темпото и количината на различни работи што ги извршувам едноставно ме исцрпуваат“, напишал тој.

Според него, проблемот би можел да се реши на неколку начини.

Една можност е во попладневната смена да се укине сервирањето на храната во чинии. Друга е за таа услуга да се воведе дополнителна наплата, додека трета опција е шефот барем повремено да му обезбеди помош.

„Работите 48 часа неделно, а не 40“

Во коментарите се развила дискусија и за тоа дали неговата плата навистина е толку добра кога ќе се земат предвид бројот на работни часови и количината на работа.

Еден корисник на „Редит“ посочил дека, според распоредот кој го опишал работникот, тој работи 48 часа неделно.

„Всушност, работите 48 часа неделно, а не 40, и тогаш платата и не е нешто посебно“, напишал коментаторот, додавајќи дека доколку ситуацијата не се промени, работникот можеби би требало да се откаже и да побара друга работа.

Друг корисник се согласил дека сервирањето на храната во чинии може да биде привлечно за гостите и дека таквата презентација може да го подигне нивото на понудата во ресторан за брза храна.

Сепак, смета дека товарот на дополнителната работа не треба да падне врз една личност.

„Не треба тоа да биде товар на твоите плеќи како преоптоварен работник. Невозможно е еден човек да го реши сето ова“, заклучил тој.

Во меѓувреме, еден корисник му поставил и едноставно прашање:

„А, наоѓањето друга работа не е опција за вас?“

Извор: Bizportal.rs