Дали по 40-тата е доцна за нова кариера? Истражување руши една голема заблуда
Одлуката по 40-тата година професионално да се почне одново често значи многу повеќе од избор на ново работно место. Финансиската сигурност, можноста за преквалификација и гаранцијата дека навистина постои нова работа се меѓу најважните услови за ваков чекор.
Промената на кариерата може да се случи во различни животни периоди, а многумина сметаат дека за нов професионален почеток никогаш не е доцна.
Истражување спроведено меѓу повеќе од 3,2 милиони испитаници покажало дека Русите како најпогоден период за преминување во нова професионална област најчесто ги издвојуваат годините меѓу 30 и 39.
„42 отсто од испитаниците сметаат дека најсоодветна возраст за почеток на кариера во нова област е меѓу 30 и 39 години. Други 19 отсто ја навеле возраста од 25 до 29 години, додека 18 отсто сметаат дека промената на кариерата е најреална меѓу 40 и 49 години“, се наведува во истражувањето.
Што им дава сигурност на луѓето по 40-тата да почнат одново?
Одговорите за подоцнежните периоди од животот покажуваат дека новиот професионален почеток не е резервиран само за помладите.
Девет отсто од испитаниците сметаат дека е можно повторно да се започне кариера меѓу 50 и 59 години, додека опцијата „пред 25 години“ ја избрале 7 отсто, а „60 години и повеќе“ – 6 отсто од испитаниците.
Истражувачите го испитале и личното искуство на учесниците со промена на професијата по 40-тата година.
46 отсто од нив рекле дека веќе ја смениле професијата или започнале нова кариера, додека 54 отсто немале такво искуство.
Кога станува збор за подготвеноста за промена, повеќе од половина од анкетираните Руси, односно 53 отсто, велат дека дефинитивно би ја смениле професијата доколку не се задоволни од моменталната кариера.
Дополнителни 26 отсто се прилично наклонети кон таква промена.
Од друга страна, 14 отсто не се сигурни дали би се одлучиле на толку голем чекор, додека 7 отсто се прилично или целосно неподготвени да ја сменат кариерата.
Луѓето над 40 години се поотворени за промени
Истражувањето покажува дека испитаниците постари од 40 години во овој поглед се поодлучни.
Меѓу нив, 58 отсто се подготвени да ја сменат кариерата доколку не се задоволни од моменталната работа, додека 31 отсто велат дека се отворени за поголеми промени.
При размислувањето за промена на кариерата по 40-тата година, меѓу главните приоритети се издвојуваат стабилните приходи и финансиската сигурност.
Испитаниците навеле и конкретни услови кои би им го олесниле професионалниот пресврт.
Според истражувањето, 60 отсто сметаат дека гарантирано работно место или понуда од работодавач е клучен ресурс за промена на професијата.
Финансиска резерва за период од три до шест месеци би им била потребна на 49 отсто од испитаниците, додека 46 отсто сметаат дека им е потребен пристап до обука или преквалификација.
Поддршката од семејството и блиските е важна за 32 отсто, а јасен план за транзиција, чекор по чекор, е потребен за 27 отсто од испитаниците.
Резултатите покажуваат дека иако промената на кариерата по 40-тата година може да носи финансиски и професионални ризици, значителен дел од луѓето не ја сметаат возраста за пречка.
Наместо тоа, како поважни услови се издвојуваат финансиската сигурност, можноста за стекнување нови знаења и постоењето конкретна можност за вработување.
Извор: Bizportal.rs

