МакедонијаСветот на работникотСиндикат

КСС: Онаму каде што има можност, работодавачите да им овозможат на работниците работа од дома

ЕТУК ја поддржува работата од дома - Работник
335views
Работењето од дома во екот на пандемијата на коронавирусот е актуелна тема на која пишуваат голем дел од светските и европските медиуми. Порталот Работник минатиот пат побара став од Стопанската комора на Македонија која како претставник на компаниите даде свое гледање за овој начин на работа.
Порталот Работник побара став и од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, за тоа како работниците го доживуваат овој начин на работа.
Од КСС рекоа дека работата од дома не е нов поим, но за многу работници, компании, индустрии и држави овој начин на работа беше нешто сосема ново и за многумина не беше по нивен сопствен избор, туку се должеше на пандемијата предизвикана од Ковид 19.
„За време на работата од дома работниците и работодавачите се соочија со многу предизвици, мораа да ги преструктуираат секојдневните работни процеси во однос на структурата, начинот на комуникација, да се промени досегашниот начин на работа, како што е случајот во образованието и воведувањето на новиот начин на онлјан настава. Работата од дома секако има свои предности и мани. Продуктивноста е индивудуална за секој работник со оглед на околностите кои ги има во домашното опкружување и на работното место“, велат од КСС.
Според нив, вработените во јавниот сектор, онаму каде што дозволуваше работниот процес, работеа од дома.
Вчера завршија препораките за работа од дома, освен за хронично болните, бремените жени, родителите на дете до 10 годишна возраст, самохрани родители, родители на деца со посебни потреби, и со олабавувањето на мерките  работниците треба да се вратат на своите работни места. Посочија дека бидејќи состојбата со корона вирусот не е под контрола и бројот на заболени сеуште расте, работодавачите од приватниот и од јавниот сектор треба да размислат за овозможување на работа од дома секаде каде што е возможно за да се заштити здравјето на работниците. Онаму каде што нема простор за работа од дома максимално да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
„Согласно член 50 од Законот за работни односи, работата од дома е уредена и работодавачот и работникот можат да се договорат со договорот за вработување, работникот да ја извршува работата од дома која што спаѓа во дејноста на работодавачот и за истото да се извести трудовиот инспекторат“, потсетија од КСС.
Велат дека работата од дома може да се задржи како пракса и по завршувањето на пандемијата, но сепак треба да се дорегулира со законот за работни односи, се со цел да не се злоупотребува работата од дома и да се превенира работниците кои работат од дома да влезат во категорија на непријавени работници, односно да бидат дел од сивата економија.
Додаоа дека кризата јасно покажа дека постоечкиот социјално – економски ситем е неодржлив и треба да се избере насока кон нов начин на функционирање.
Порачаа дека новиот социјално – економски систем треба да се темели на начелата на економска демократија, поголема социјална праведност, поголема солидарност, да се намали сиромаштијата и социјалната нееднаквост.
Бобан Илијевски