КСС: Социјална криза на повидок – Владата не знае да го употреби социјалниот дијалог
Здравствената криза во која се наоѓаме неминовно е дека води до економска криза, особено за слаби економии како економијата во нашата држава, каде голем дел од населението ќе го доведе до осиромашување, посочи КСС во соопштението до јавноста.
Од таму велат дека голем број компании не се или нема да бидат во можност да ја преживеат кризата и ќе згаснат што ќе резултира со губење на работните места, а голем број на работници ќе останат без никаков приход за егзистенција.
“Како непобитен ефект од корона кризата е зголемувањето на социјалната нееднаквост, а најпогодени ќе бидат работниците со најниски приходи и најнизок степен на образование”, велат од КСС.
Тие ОСОБЕНО потенцираат дека НЕ – формирањето на Влада и свесното одолговлекување на нејзиното формирање влијае на целата ситуација во која се наоѓаме со корона кризата, пред се од здравствен, а потоа и од економски аспект.
“Секое економско продлабочување на кризата води кон СОЦИЈАЛНА КРИЗА и губење на голем број на работни места или значително намалување на и така нискиот приход кој вработените го имаат”, наведоа од КСС во соопштението.
Сметаат дека големи социјални последици ќе претрпат и работниците кои се дел од неформалната, сивата економија, сезонски работници, долгорочно невработените особено оние работници кои се пријавени на минимална плата која не сооодветствува со степенот и сложеноста на работата, а остатокот од платата го добиваат на рака. Велат дека ваквите работници или воопшто не го добиваат овој дел или во намален износ.
“Македонија со своето управување од страна на тековната Влада, покажа дека во време на криза не знае да ги употребува средствата за стабилно управување со сложени ситуации, како што е социјалниот дијалог. Синдикатите не беа или делумно беа консултирани за прашања кои се однесуваат за ускратување на права од работен однос како што беше обидот за кратење на платите, надоместоците на плата, правото на користење на годишен одмор и сл., па понатаму тие уредби паѓаа на Уставниот суд’, потенцираат од КСС.
Заради надминување на социјалната криза, како што велат, мора да постои социјален дијалог со кој ќе се направи превентива за спречување на вакви кризи, носење на политики кои ќе имаат ефикасно решение за надминување на предизвиците со кои се соочуваме.
“За сите прашања ние како национален синдикат имаме за цел да ги заштитуваме правата на работниците и стоиме на располагање да не консултираат и на тој начин позитивно да влијаеме кон пошироката јавност со цел да се ОДБЕГНЕ СОЦИЈАЛНАТА КРИЗА која во нашата држава е веќе присутна”, порачаа тие.
Ја споменаа и злоупотребата на Уредбата за финансиска помош на компаниите кои примиле помош од државата, а не ги исплатиле платите.
Оваа злоупотреба најостро ја осудуваат и сметаат дека Владата и релевантните државни институции не требало да дозволат да се злоупотреби уредбата, а за компаниите соодветно да се санкционираат, додека работниците во најкус можен рок да се обесштетат.
Покрај оваа злоупотреба, до нивната правна служба имаат пријавено и случаи каде се прекршува правото на користење на годишен одмор каде работодавачите најчесто ги одобруваат барањата, а потоа за време на годишниот одмор ги повикуваат вработените на работното место.
Сметаат дека целата јавност во нашата држава правилно и недвосмислено ќе ги разбере нивните увиди, препораки и факти кои се со цел избегнување на социјалната криза и подобрување на економијата во нашата држава.