КСС ќе го поддржи зголемувањето на минималната плата ако е поддржано со анализи – Како репрезентативен синдикат првото барање ќе им бидат платите на административците
Конфедерацијата на слободни синдикати ќе поддржи зголемување на минималната плата, само ако е во согласност со анализи, рече првиот човек на КСС, Благоја Ралповски, пред започнувањето на седницата на Економско – социјалниот совет.
„Не постои синдикат што не сака поголема плата во државата. Секако, ако го отворат прашањето за минималната плата, тука сме да поддржиме сѐ што е базирано на факти и стратегии. Не треба да се сомневаат дека ќе имаат поддршка од наша страна, ако покажат дека е потребно покачување на минималната плата, без да се предизвикаат големи потреси во државата, во инфлацијата итн. Затоа што ако се зголеми инфлацијата, џабе ни растат платите, бидејќи инфлацијата ќе го изеде зголемувањето“, рече Претседателот на КСС.
Инаку, минималната плата не е ставена на дневен ред на денешната седница на ЕСС.
Прашан за тоа кои ќе бидат нивните барања на денешната седница на Економско – социјалниот совет, со оглед на тоа, дека настапуваат како репрезентативен синдикат, претседателот на Конфдерацијата на слободни синдикати на Македонија рече дека конечно докажале дека се репрезентативни и дека пред две години биле оштетени бидејќи не биле потписници на Општиот колективен договор во јавниот сектор, каде што сега, како и во минатото, имаат најмногу членови.
„Ќе бараме да се спроведе она што во април сите синдикати го договоривме со Владата, каде што требаше на оние административци коишто не им беше покачена платата, да им се покачи, а добивме предлог од Владата да се покачат платите од 7557, да видиме каде застана тој проект, зошто е застанат и дали некој го опструира тој проект“, рече Ралповски.
Посочи дека ако се спроведе ова, најниската плата во јавниот сектор ќе биде 29,000 денари, додавајќи дека пред две години вработените во јавниот сектор земале или минимална или под минимална плата. Заклучи дека голем успех е што платите се за 4-5,000 денари поголеми од минималната плата.

