Минималецот може да се зголеми на 600 евра, но прашање е колкава ќе биде реалната вредност на парите
Поранешниот премиер Димитар Ковачевски наголемо ветува дека ако СДСМ повторно биде на власт, минималната плата ќе се зголеми на 600 евра.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека минималецот би можел да се зголеми на оваа сума за пет до шест години, односно некаде до 2030 година.
Дали е можно?
Според познавачите, дури и да се зголеми на 600 евра, прашањето е колку таа ќе вреди, со оглед на тоа дека во трката на порастот на платите и цените, платите секогаш губат.
Кристијан Кожески, докторанд по економски науки на економскиот факултет при УКИМ за Работник вели дека таа може да се зголеми на 600 евра, но го потенцираше она што го наведовме погоре – дека прашање е колку ќе вреди.
Тој посочи дека значајното зголемување на минималната плата беше резултат на предизборните ветувања во 2017 година.
Од тогаш, сите започнаа да се движат на бранот на покачување на минималната плата, подвлече Кожески.
Сепак, според него, наредните зголемувања на минималната плата, кои смета дека ќе ги има и од економски и од политички причини, ќе бидат со помал интензитет од претходните, особено поради тоа што истата ја примаат околу 120,000 работници, зафаќа значајна пропорција од медијаната, но и има големо влијание врз останатите плати, особено во јавниот сектор.
Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија вели дека прогнозата за зголемување на минималната плата на 600 евра до 2030 година е малку пре-оптимистична, бидејќи би требало да расте за околу 9 % годишно. Според досегашниот економски раст, Македонија не може да се одлепи од 3 до 4 % раст на минималецот годишно.
Се разбира дека минималната плата може да расте повисоко од економскиот раст, но во тој случај би имале инфлација за околу 6% годишно. Мораме да сфатиме дека секое нереално покачување на платите над економскиот раст т.е. растот на продуктивноста ќе доведе до инфлација и тогаш навистина номинално ќе имаме повисока плата, ама реално таа ќе вреди многу по малку, вели Димитров.
Потребни се мерки коишто ќе придонесат за зголемување на продуктивноста на трудот, подобрувањето на деловното окружување, намалувањето на неформалната вработеност и сивата економија, со што ќе се создадат услови за одржлив пораст на платите на работниците.