Над 1,200 македонски граѓани добиле работни дозволи во Словенија од почетокот на годинава
Подготвил: Бобан Илијевски
1,289 македонски граѓани добиле дозволи за работа и престој или истите им биле продолжени од почетокот на годинава, ни изјавија од Министерството за внатрешни работи на Словенија.
„Според нашите податоци за дозволи за престој во согласност со Актот за странци на Словенија, во периодот од 1 јануари до 30 април 2023, надлежните административни единици им издале или продолжиле 1,289 поединечни дозволи за престој и работа на македонски граѓани“, посочија од словенечкото Министерство.
Податоците за поединечните дозволи за престој и работа, како што информираат од таму, ги вклучуваат и податоците за:
- дозволите кои се издадени за вработување,
- работа или самовработување,
- извршување на сезонски работи подолги од 90 дена,
- прекугранична работа,
- стипендии,
- назначувања за работа во Словенија,
- интра-корпоративни трансфери или за барање на работа или самовработување.
Тука се вклучени и дозволите за долгорочните резиденти во други држави членки на Европската унија, како и оние кои добиле сина карта од ЕУ .
Инаку, во истиот период лани, ова Министерство издало 851 дозвола за престој и работа на македонски граѓани.
„Ова значи дека во првите четири месеци од 2023, бројката на издадени или продолжени дозволи за престој и работа е зголемена за 51,47 % споредено со истиот период минатата година“, посочија од Министерството за внатрешни работи на Словенија.