АнализиКолумниНовости

„Нешто се’ уште е труло во ’државата’ ГАЗДА“

   Време за читање 5 минути

Ретко има човек, кој навраќајќи се на своето минато, нема да најде ниту едно лошо работно искуство. Без разлика дали станува збор за едно или за повеќе, таквите искуства оставаат голем белег врз нашите животи, па дури до тој степен целосно да изгубиме надеж и да бараме начин да заминеме од ова наше мало парче земја. 

Споделувајќи го моето лошо работно искуство со мои блиски луѓе, дознав дека тоа е дел од животот кој мора да се помине, како што и секое дете прележува сипаница. Јас за среќа имав само едно такво искуство, а некои, за жал, имале повеќе. Од него научив многу. Пред се’, почувствував како е да си во кожата на некој што тие навреди, омловажувања и потценувања, а бога ми и исмејувања, ги трпи со години мислејќи дека не може подобро од тоа. 

Во целиот тој спектар на вредности голема улога има воспитувањето од поранешниот систем. Земајќи предвид дека тогаш имало семејства кои на своите ќерки им велеле дека мора да го трпат својот сопруг дури и кога најлошото е во прашање, не е ништо чудно и да ги учеле да ги трпат и газдите, за нели да не рече народот: „Еве овој не го бидува за ништо, не може ниту една работа да задржи“. Ова го темелам на фактот дека се’ уште има луѓе кои се водат од т.н. југословенски вредности. Тоа нужно не значи дека сите вредности и убедувања биле лоши, но имало и такви. 

Со погоренаведеното сакам да укажам на тоа дека се’ уште не сме целосно излезени од тој менталитет и начин на размислување. Од друга страна, некои од газдите пак, многу лошо го сфатија капитализмот, не размислувајќи воопшто за тоа како нивните постапки ќе се одразат во иднина. 

Кога невработеноста во Македонија беше над 30 % и кога газдите имаа пристап до многу поголем базен на работна сила, покрај тоа што им даваа бедни плати на работниците, не ја испуштаа приликата да им ја кажуваат онаа позната фраза: „Ако не ти се свиѓа, оди си, ќе најдам друг“. А сега, откако невработеноста спадна на 12 %, најмногу поради иселувањето на луѓето од државата, ја сменија целосно реториката, па велат: „Дојди кај мене, ќе ти дадам поголема плата, бонус, ќе ти платам прекувремена работа…“, па поставуваат билборди и даваат бонуси за да им најдат работници… Ама сега нема работници. Во Агенцијата за вработување како невработени се водат над 100,000 лица, а ваму бараат 10,000 работници. Самите газди влегоа во еден толку комлексен лавиринт од кој многу, ама многу тешко се наоѓа излезот. 

Да им обезбедеа на работниците фер третман од самиот почеток, водејќи се од тоа дека имаат интерес од нив, кој се разбира оди во две насоки, немаше сега да дојдевме до вакво дереџе. Дојде време кога маркетите на вработените започнаа да им даваат по два слободни дена – сето тоа благодарение на недостигот на работна сила и конкуренцијата која ја напрвија, дел странски компании кои отворија свои фабрики во Македонија и дел наши луѓе кои отворија фирми и станаа совесни и свесни работодавачи.

Неколкупати претходно имам напишано дека во денешно време, во ера на глобализација на пазарот на труд, каде една компанија од една држава, може да вработи работник од друга држава без да има потреба да се сели во матичната држава на компанијата, создава уште поголеми проблеми за македонскиот бизнис сектор. Им останаа уште повозрасните работници кои немаат намера да се иселат и планираат да протуркаат до пензија. Младите или заминуваат оттука или пак наоѓаат начин како работат за странски компании. Некои пак, работат преку интернет платформи и други средства кои им овозможуваат самите да ги определат работните часови и начинот на работа. 

Започнав со лошите работни искуства, а завршувам со иднината на светот на работата. И тоа го правам намерно, за по не знам кој пат укажам на фактот дека „нешто се’ уште е труло во државата ГАЗДА“ и тоа треба да се започне да се отстранува во најскоро можно време. Имаме голема среќа што имаме претприемачи кои работниците ги гледаат како свој највреден капитал кој е моторот на нивната компанија. Да се надеваме дека нивниот број само ќе се зголемува. 

Фото: Freepik

Ставовите изразени во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.