НовостиСветот на работникот

НЕ НАСЕДНУВАЈТЕ: Некои огласи за работа на онлајн платформите немаат за цел да вработат – вистината е покомплицирана!

   Време за читање 5 минути

Пазарот на труд може да биде непредвидлив и понекогаш може да биде тешко да се најде нова работа. Сепак, работните места се таму – или така изгледа. Онлајн платформите за вработување како LinkedIn и Indeed продолжуваат да објавуваат отворени позиции, а работниците активно ги поднесуваат своите апликации. Сепак, и покрај приливот на висококвалификувани кандидати, многу пожелни огласи за работа се наоѓаат на дигиталните платформи со познатата ознака: „Објавено пред 30+ дена“.

Иако овие огласи можеби се стари, барателите на работа сепак претпоставуваат дека компаниите активно вработуваат за овие позиции. Вистината е малку покомплицирана.

Некои од нив се едноставно неотстранети огласи за веќе пополнети позиции, а некои позиции воопшто не ни требало да бидат пополнети. Тие спаѓаат во таканаречената „работа за духови“ која станува се почеста и проблематична пречка за барателите на работа.

Некои верзии на „работа за духови“ одамна се дел од пазарот на трудот. Некои саеми за вработување, на пример, имаат репутација за привлекување компании кои поставуваат штандови исклучиво за да служат како промотивни алатки или за масовно прибирање на резимеа без јасна улога за пополнување.

Проблемот се влоши во дигиталната ера, и покрај технологијата која теоретски треба да го подобри процесот на барање работа за сите страни, особено затоа што огромниот број на апликанти за секоја улога вртоглаво се зголеми ширум светот во последниве години.

Но, и покрај напливот на апликанти, неверојатен број на огласи не резултираат со вработување. Revelio Labs, американска компанија за истражување на работна сила, покажа дека односот на вработувања по оглас за работа паднал под 0,5 во 2023 година, што значи дека повеќе од половина од огласите не резултирале со вработување.

Њујоршката компанија Clarify Capital анкетираше 1.000 менаџери за вработување и откри дека речиси седум од 10 работни места остануваат отворени повеќе од 30 дена, а 1000 непополнети повеќе од половина година. Половина од испитаниците рекле дека ги држат огласите за работа отворени на неодредено време бидејќи се „секогаш отворени за нови луѓе“.

Повеќе од еден од тројца испитаници изјавиле дека ги задржуваат огласите активни за да изградат база на кандидати во случај на промена – не затоа што улогата треба да се исполни во одреден временски период.

Објавените огласи се повеќе од само вакуум за таленти што ги вшмукува резимеата на кандидатите. Тие се и алатка за обликување на перцепциите внатре и надвор од компанијата.

Повеќе од 40 отсто од менаџерите за вработување изјавиле дека објавуваат огласи за работни места што не се обидуваат активно да ги пополнат за да остават впечаток дека компанијата расте. Сличен процент од менаџерите рекле дека огласите за работа се направени за да ги мотивираат вработените, додека 34 проценти рекле дека работните места се објавени за да се смири преоптоварениот персонал кој можеби се надева на дополнителна помош.

– „Работа за духови“ има насекаде. Откривме број од 1,7 милиони потенцијални лажни работни места на LinkedIn само во САД – вели Џефри Скот, менаџер за вработување во Resume Genius, американска компанија која им помага на работниците да пишуваат резимеа.

Во Обединетото Кралство, фирмата за развој на кариера, StandOut CV, со седиште во Лондон, откри дека повеќе од една третина од огласите за работа во 2023 година спаѓале во „работа за духови“, дефинирани како огласи објавени пред повеќе од 30 дена.

Експертите предупредуваат дека не значи дека секоја објава која изгледа како „работа за духови“ е всушност таков оглас.

– Мислам дека не е широко распространета практика компаниите да објавуваат работни места што немаат намера да ги пополнат – вели Анет Гарстек, американска советничка за кариера.

Наместо тоа, недостатокот на ресурси за регрутирање и огромниот број на апликанти по отворено работно место може да значи дека регрутирањето не може брзо да напредува – и како резултат на тоа, регрутерите не можат да одговорат на секоја апликација.

Сепак, без разлика дали тие огласи се „работа за духови“, или едноставно изгледаат како нив, резултатот е сличен. Оние кои бараат работа на крајот се обесхрабруваат.

Ваквите огласи за работа се големо губење време за оние кои бараат работа.

Пополнувањето на една апликација за работа може да потрае неколку часа, бидејќи на сериозен кандидат ќе му треба време да ја истражи компанијата, да ја персонализира својата биографија и мотивационо писмо, да ги наведе сите работни места на кои некогаш бил и да одговори на пробните прашања, вели Скот.

Овој тип на огласи за работа може да им обезбеди на работодавците можност да го подобрат својот имиџ и краткорочно да изградат база на резимиња, но затоа и придобивката ќе биде краткотрајна. Ако потенцијалниот вработен е „изгорен“ од компанија за која никогаш не слушнал, може да се оддалечи од аплицирање за идни можности во таа компанија, јавува Би-Би-Си.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *