ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

НОВОГОДИШЕН ПОДАРОК ВРЕДЕН 400 ЕВРА: Највисоките функционери ќе земаат и до 3,000 евра плата

   Време за читање 2 минути

Од нова година, 1060 функционери во Македонија ќе добијат 400 евра зголемување. Тие во март оваа година, со амин од Уставниот суд добија рекордно покачување од 78 %.

Со новото зголемување од 400 евра, благодарение на тоа што коефициентите на сложеност им се множат со просечната плата, нивните плати ќе бидат уште поголеми.

Колку ќе им изнесуваат платите со новото покачување?

Со новото зголемување по Нова година, функционерите со највисоки плати (Претседателот на државата, Претседателот на Собранието и Премиерот) ќе земаат по речиси 3,000 евра или околу 184,603 денари. Со зголемувањето на платите за 78 %, овие функционери земаа околу 160,000 денари.

Министерот за внатрешни работи кој, според пресметките на Радио Слободна Европа, со зголемувањето од 78 %, земаа плата од 153,037, по Нова година ќе зема 2,883 евра плата или 177,641 денар.

Во прилог платите на останатите функционерски позиции во Владата со новото зголемување од 400 евра:

Прв вицепремиер – 174,067 денари

Вицепремиер за економски прашања – 176,347 денари

Вицепремиер задолжен за политики за добро владеење – 154,041

Вицепремиер за европски интеграции – 147,140 денари

Министер за одбрана – 149,420 денари

Зголемување ќе добијат и пратениците, градоначалниците и останатите функционери.

Откако платите на функционерите се зголемија за 78 %, Владата рече дека ќе изнајде законско решение со кое ќе ги намали платите, за да потоа испадне дека потребно е да се изменат 7 закони и еден подзаконски акт за да се направи тоа, што значајно го зголеми револтот кај народот.

Експертите пак, велат дека ако се има политичка волја можат да се изменат и 77 закони.

Инаку, од март следната година, минималната плата ќе се зголеми од 21,200 на 22,500 денари. Функционерите претходно наголемо започнаа да се фалат со ова зголемување, за кое работниците сметаат дека е недоволно, земајќи ги предвид трошоците на живот кои, според последните податоци, изнесуваат над 50,000 денари.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси