Останато

Ова е мојот начин на размислување

Размислував за потенцијални теми за мојата следна колумна, па одлучив овој пат да не пишувам за работните односи или работничките права, туку да дадам мое размислување на тема на којашто многу не се зборува кај нас – разликата помеѓу вклопување и припаѓање во општеството.

Како деца, речиси сите сме сакале да бидеме како оние кои „ја поставувале нормата“ за тоа како треба да се однесуваме како кул личност со многу пријатели и обожаватели, а и нашите родители сакале да се вклопиме во нашето опкружување. Се разбира, не ни мислеле лошо, но очигледно не ја знаеле разликата помеѓу вклопување (fitting in) и припаѓање (belonging). За да биде појасна разликата меѓу нив, со помош на објаснувањето од страна на американската професорка и авторка Брене Браун, ќе ви појаснам што значат овие термини.

Имено, професорката Браун вели дека вклопување е кога стануваш оној којшто мислиш дека треба да бидеш за да бидеш прифатен од твоето опкружување или од општеството. Од друга страна, да припаѓаш значи да бидеш автентично свој, знаејќи дека без разлика што и да се случи, си припаѓаш на самиот себеси.

Мислам дека нејзиното објаснување е навистина на место и дека во суштина така треба да стојат работите, но за жал, не секој има волја да сфати дека подобро е да припаѓаш, отколку да се вклопиш.

Тука можам и да дадам личен пример. Колку и да сакав да се вклопам додека бев во основно и средно училиште не можев. Како дете кое имаше проблем со пелтечење (сега повеќе немам, бидејќи истото не го сметам за проблем, туку за дел од мене), постојано ме исмејуваа и имитираа. Тогаш моите ме носеа на триста места за да исчезне пелтечењето, но никој не успеа да ми помогне. Сепак, од оваа гледна точка, слушајќи ги луѓето кои имале искуство како моето, најголемиот проблем е што никој не ни кажал дека треба да прифатиме дека тоа е дел од нас и дека не треба да го гледаме како некоја пречка. Јас барем на тој начин не го гледам.

Оние коишто ја следат мојата работа знаат дека јавно излегувам да зборувам преку моите видео интервјуа. Поединци од моето опкружување понекогаш знаат да ме прашаат како немам срам и трема да зборувам јавно со мојата говорна маана, на што јас им одговарам дека ако немаш храброст да го направиш тоа што го сакаш, без разлика на сите пречки кои ти се на патот, никогаш нема да успееш да ја оствариш својата цел, туку ќе бидеш само „дневен сонувач“, замислувајќи како е да направиш нешто што сакаш и притоа да ти е криво што не преземаш иницијатива твојот сон да го претвориш во јаве.

На крајот од денот, многу е лесно да речеш не можам, знам од искуство.

Многупати досега се имам соочено со пречки, па и со коментари од други луѓе од типот на, парафразирам, „ти не знаеш да збориш, местото ти е во печатен медиум, а не овде да зборуваш“. Овој коментар на момент ме замисли, но преголемата желба да го работам ова што го работам повторно ме врати на мојот пат.

Јас сум свој човек, автентичен. Ако не ти се допаѓам не мора да ги гледаш моите интервјуа, да ги читаш моите новинарски статии и колумни. Ова е мојот начин на размислување.

Длабоко верувам дека сите можете да го постигнете она што го сакате, само треба да имате храброст и да не се откажувате. Овие два елементи се од пресудна важност за постигнување на потенцијалниот успех. Верувајте!

Се разбира, потребно е и вложување на труд и макотрпна работа, но пред се, најважно е да имате верба во себе и да припаѓате, а не да се вклопите.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk