НовостиПравда

Пет месеци нема казна за в.д. претседателот на кумановскиот суд за навредите кон вработените и злоупотребите на АКМИС-системот

   Време за читање 2 минути

Министерството за правда преку соопштение до медиумите реагира дека и покрај укажувањата и писмените дописи за констатирани неправилности во работата на Основниот суд Куманово, Судскиот совет одолжува и не постапува по извештајот кој е изготвен од нивна страна и јавно објавен на веб-страницата на Советот.

„Судскиот совет беше во работна посета на Основниот суд Куманово на 1 февруари годинава и подготви извештај, каде што се констатирани низа нарушувања на угледот на судиската функција, направени се груби повреди на начелото на недискриминација по која било основа, користење несоодветен вокабулар, навреди и омаловажувања на вработените од страна на в.д. претседателот на судот, како и злоупотреба на АКМИС-системот, што во голема мера влијае на односите и работењето на судот“, соопшти Министерството за правда.

Министерот за правда, Кренар Лога, на 11 април испрати писмен допис до Судскиот совет, во кој бара преземање мерки за недостатоците констатирани во извештајот, кој беше на дневниот ред на седница на Судскиот совет на 13 март.

„Во извештајот се наведени и злоупотреби на АКМИС-системот, исклучување одредени судии од автоматската распределба на предмети. Од увидот на предметите во работната група констатирано е долго траење и одолжување на постапката, неуредно и неажурно верификување на предметите во АКМИС-системот. Од Судскиот совет добивме известување на 12 април дека дописот е доставен на запознавање и понатамошна надлежност и постапување до координаторот за следење на работата на Основниот суд Куманово, членот на Советот, Ханиф Зендели“, велат од Министерството за правда.

Министерот Лога испратил и ургенција за постапување до Судскиот совет.

„На 29 јуни од страна на заменик-претседателот на Судскиот совет, Ханиф Зендели, доставен беше одговор дека е изготвен дополнителен извештај, кој е потребно да се разгледа на седница на Судскиот совет по што ќе нè информираат за констатираната состојба“, велат од Министерството за правда.

Од Министерството уште еднаш јавно го повикуваат Судскиот совет да постапи во согласност со надлежностите и нагласуваат дека неказнувањето вакви случаи ќе доведе до дополнително нарушување на угледот на Советот, а со тоа и намалување на довербата во правосудството.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *