МакедонијаНовостиСветот на работникотСиндикат

Зошто предлогот на Владата за платите не е прифатлив за синдикатите? Разговор со Јаким Неделков, Претседател на СОНК

   Време за читање 6 минути

Новинар: Бобан Илијевски

Во изминатиот период се одржаа повеќе седници на Економско – социјалниот совет на кои се дискутирало за новиот Општ Колективен договор за јавен сектор.

Од Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, Јаким Неделков побаравме сублимат за тоа до каде се преговорите.

„Беше направен и усогласен нов текст на Колективниот договор. Социјалните партнери работеа интензивно десетина дена. Текстот е усогласен некаде околу 90 %. Останаа неусогласени прашањата кои првично предизвикуваат финансиски импликации“, рече Неделков.

Објасни дека станува збор за неусогласеност во пресметката на плати во јавниот сектор, бидејќи Министерството за финансии предложило модел кој е неприфатлив за синдикатите. Неусогласени се и регресот за годишен одмор и останатите додатоци кои им следуваат на овие вработени.

За предлогот на Министерството за финансии, Неделков вели дека го радува тоа што конечно надлежните сфатиле дека линеарното зголемување на плати е непринципиелно и е спротивно и на законите и на меѓународните конвенции, според кои платите треба да се покачуваат и усогласуваат процентуално во согласност со сложеноста на работното место, а не линеарно.

„Ние тоа го кажуваме веќе подолг временски период, како СОНК и како дел од Конфедерацијата на слободни синдикати. Сметам дека штетата којашто е направена во изминатиот период, со новиот модел, дали овој или поинаков каков што предложивме ние, ќе се надмине“, истакна Неделков.

Иако предлогот е донекаде прифатлив, Неделков вели дека постојат елементи во него кои не наишле на одобрување од страна на синдикатите. Тоа е така затоа што вредноста на коефициентот нема наеднаш да се зголеми за онолку колку што ќе биде разликата помеѓу растот на минималната плата, туку ќе биде во етапи од пет години.

„Тоа значи дека ако во 2024 година минималната плата би се зголемила за 10 %, вредноста на бодот нема да се зголеми за толку, туку за една петина од тие 10 %. Ова за нас е неприфатливо, бидејќи за да се дојде до целиот процент на зголемување на вредноста на бодот, ќе треба да поминат пет години“, објасни Неделков.

Аргументот на Владата дека се нема пари не држи вода, затоа не можеме да го прифатиме, а и имаме дејности каде што се исплаќа како што е во Колективниот договор или во законите, односно процентуално, колку што се исплаќа минимална плата се зголемуваат и платите и тоа така треба да биде, нагласи Неделков.

Формулата, појасни Неделков, што ја предлага Министерството за финансии е релативно сложена, особено кога вредноста на бодот треба да се зголемува во временски период. Постоечките решенија велат дека вредноста на коефициентот на сложеност на работните места, коишто се во делот од колективните договори, меѓу кои и тие што ги има потпишано СОНК, се множи со минималната плата на национално ниво.

„Значи ако минималната плата ја утврдува Министерството за труд и социјална политика по претходно усогласени ставови на Економско – социјален совет, врз основа на податоците кои ги дава заводот за статистика, тогаш тоа треба да се преслика и во Општиот Колективен договор, каде што минималната плата ќе се помножи со соодветниот коефициент на сложеност на работно место“, посочи Неделков.

Ова, според него, е наједноставно и најпрактично решение и нема потреба да се измислува нова формула. Истото ќе овозможи да се избегне т.н. урамниловка, односно нема да има исти плати за различни работни места.

Неделков вели дека дополнителни аргументи на синдикатите се и коефициентите на избраните и именуваните функционери кои, наместо со минимална плата, се усогласуваат со растот на просечната плата. Уште еден аргумент е и Колективниот договор кој пред два месеци бил потпишан со УКИМ, каде што се користи формулата којашто ја предлагаат СОНК и другите синдикати и каде што е дадена дозвола да се користи истата. На таков начин функционира и Колективниот договор со Министерство за култура, за кој Неделков вели дека е одличен пример за добар Колективен договор.

„Не знаеме која е причината во јавниот сектор да се измислуваат бодови по коишто со сложена формула ќе се добива плата“, додаде тој.

На прашањето зошто не се бара коефициентот на сложеност на работното место, исто како и кај функционерите, да се множи со просечната плата, Неделков вели дека тоа било предложено од страна на еден од синдикатите и дека и за нив е прифатливо. Меѓутоа, како што вели, такво нешто би бил само гол популизам за да се каже дека се бориме за работниците.

„За нас и таквиот предлог е прифатлив, но сметаме дека во овој момент, државата не може да го оствари тоа“, вели Неделков.

Тој свое видување даде и на зголемувањето на платите на функционерите за 78 %, кое на еден начин го одобри Уставниот суд.

„Сметам дека во ова време навистина не е мудра одлука, и покрај тоа што е одлука на Уставниот суд. Мислам дека тука Владата треба да направи корекции, особено затоа што тука не спаѓаат само владините претставници како министрите, туку и еден куп директори на агенции кои се под државна капа и континуирано се загубари. Тоа излегува дека тие директори ќе ги наградиме со повисоки плати, наместо да се казнат и да се преземат соодветни мерки против нив“, образложи Неделков.

Негов став е дека и платите на функционерите треба да се зголемуваат согласно минималната плата за да се изедначат сите работници во државата кои се финансираат од парите на граѓаните, без разлика кој на каква позиција и да е.

Доколку не се направи ова, вели, постои основа за дискриминација помеѓу вработените во државата.

До овој четврток синдикатите треба да дадат нови предлози за нерешените прашања, а преговорите на ЕСС би продолжиле после Велигден.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.