АнкетиНовости

Платите, корупцијата и криминалот и лошиот здравствен систем се најголемите причини поради кои луѓето би заминале од Македонија (АНКЕТА)

   Време за читање 2 минути

Иселувањето од Македонија е топ тема меѓу граѓаните. Нема коментар на социјалните мрежи каде што не се споменува овој збор, а и ретки се оние луѓе кои барем еднаш не го спомнуваат иселувањето во меѓусебниот разговор.

Ситуацијата во Македонија е таква каква што е. Луѓето се незадоволни од приходите, стандардот, работните услови, административните услуги, корупцијата, криминалот… Листата продолжува.

Ова се покажува и од најновата анкета која ја спроведе порталот Работник меѓу своите Фејсбук следбеници, во која свое учество зедоа дури 2,900 од нив.

Имено, ги прашавме поради која причина би се иселиле од Македонија, а како опции им ги посочивме следниве:

  • Платите;
  • Работните услови;
  • Здравствениот систем;
  • Образовниот систем;
  • Корупцијата и криминалот;
  • Нефункционалната администрација и
  • Загадениот воздух.

Резултатите од анкетата покажаа дека сите наведени опции, помалку или повеќе, се причина за испитаниците да се иселат од Македонија. Сепак, ако одиме според тоа која од нив е на прво, а која на последно, работите стојат вака:

  1. Платите – 19 %
  2. Корупцијата и криминалот – 17 %
  3. Здравствениот систем – 15 %
  4. Работните услови – 13 %
  5. Образованиот систем и нефункционалната администрација – 12 %
  6. Загадениот воздух – 8 %

Графички приказ на резулатите од анкетата:

Наодите од анкетата покажуваат дека платите причинуваат најголемо незадоволство кај луѓето, но и дека останатите ставки имаат прилично важен удел во желбата кај нив да се иселат од Македонија.

Исто така, бројните коментари под анкетата укажуваат на тоа дека луѓето би заминале од државава поради сите наведени причини, а некои од луѓето кои го дале својот коментар објаснуваат:

„Не одам никаде, ама кога би можела причините се сите наведени“.

„Нема правна држава, и да сакаш да завршиш некоја работа, во суштина навлегуваш во лавиринт од кој нема излез и затоа народот се иселува во правно функционални држави кои се грижат за своите граѓани“.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси