НовостиПравдаСветот на работникот

ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА ПРЕПОРАКАТА ГИ НАТЕРА МАРКЕТИТЕ ДА РАЗМИСЛАТ ЗА РАБОТНОТО ВРЕМЕ: Некои веќе го објавија новиот распоред

   Време за читање 2 минути

Вчера Владата ја повлече Препораката за работа на празници, по што денес, дел од ланците на маркети излегоа со известувања за празничното работно време.

Вработените во некои од нив ќе работат и на 7 и 8 јануари, но само во трговските центри, кои согласно Законот за трговија се исклучени од законското решение за недела неработен ден и работа на празник. Се разбира, истите ќе земат за 100 % поголема дневница.

Така, „КАМ маркети“, како што и претходно најавивме, нема да работи на 7-ми јануари, а денеска објавиле дека најголемиот дел од маркетите нема да работат ниту на 8-ми. „Стокомак“ пак, нема воопшто да работи ниту на 7-ми, ниту на 8-ми јануари.

„Тинекс“ објавил дека ќе работат само оние маркети кои се во склоп на трговски центри, како што е предвидено со Законот за трговија. Останатите маркети нема да работат ниту на 7-ми, ниту на 8-ми. Исто работно време воспоставил и „Рамстор“.

Ова се ланците на маркети кои до објавувањето на овој текст на своите фејсбук страни го имаат објавено празничното работно време. Останатите сѐ уште го немаат направено тоа.

Ажурирано: Пред два часа „Жито маркети“ објавиле дека нема да работат на 7-ми и 8-ми јануари. Празнично работно време објавил и ланецот на маркети „Кит-го“, кој исто така нема да работи во овие денови, освен еден нивен маркет во Берово.

Редакцијата на порталот Работник во изминатиот период постојано ги следеше случувањата на оваа тема и настојуваше преку правни експерти да обелодени што беше спорно во препораката.

Добро е што Владата увиде дека згреши, па истата ја повлече, како што се вели во соопштението, по посочувањето од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Факт е дека и на 28 декември, кога се носеше истата, Заменикот министер за труд, кој според нашите информации бил присутен на седницата, можел да упати на тоа дека препораката е спротивна на законите.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера