МагазинНовости

Повторно се вратија: Словенечките пожарникари кои гаснеа пожари во 2021 во посета на Берово

   Време за читање 1 минута

Словенечки пожарникари кои во 2021 година учествуваа во гаснењето на пожарите кои ја зафатија Малешевијата денеска повторно ја посетија Општина Берово.

Во рамки на посетата остварија средба со градоначалникот Звонко Пекевски и асо командирот на ТППЕ Берово Сашко Руменовски.

-Пожарникари од Доброволното противпожарно друштво „Бовец“ од Република Словенија денес се во официјална посета на нашата Општина. Во словенечката делегацијата е и пожарникарот Зорко Рене, кој беше дел од единицата, која што учествуваше во гаснењето на пожарите, во 2021 година. Во рамки на посетата тие донираа технички средства за потребите на ТППЕ Берово, како млазници и противпожарни црева, информираа од Општина Берово.

Градоначалникот Пекевски изрази надеж дека заедничката соработка со противпожарното друштво од Словенија ќе резултира со заеднички проект, за добробит на жителите од двете општини.

-На средбата рзговаравме за унапредување на противпожарната заштита и за потребите на единицата и тие се запознаа од блиску, со работата на нашата противпожарна единица. Исто така упатив благодарност, за млазниците и цревата, кои Доброволното противпожарно друштво „Бовец“ од Република Словенија ги донираше за потребите на ТППЕ Берово, додаде Пекевски.

Пожарникарите од Словенија во рамки на престојот во Берово ќе ја посетат и Територијалната противпожарна единица од оваа Општина, а планирана е и посета на дел од опожарените места во 2021 година.