НовостиПравдаСветот на работникот

Поставена „Работничка клупа“ во Штип – и работниците имаат право на одмор

   Време за читање 2 минути

Правото на одмор кај работниците претставено преку уметничкото дело „Работничка клупа“. Со мотивот „И работниците заслужуваат пауза“, „Гласен Текстилец“ во рамки на овогодинешната Текстилијада го откри уметничкото дело во паркот К’ртеке во склоп на споменикот на „Магичниот конец“. Според уметничкиот директор, Денис Апмев, целината на овие дела оддава почит на работниците, а истовремено дава и придонес во однос на борбата за работничките права.

„Идејата е дојдена за клупата да ја потенцира потребата од одмор на работниците и да ја подигнеме проблематиката на едно повисоко ниво. Се наоѓаме на место коешто го направивме како целина заедно со споменикот на „Магичниот конец“, со што им оддадовме почит на работниците. И тие имаат право на одмор и пауза од работно време“, истакна Денис Ампев, уметнички директор на КУЦ-Текстил и Текстилијада 6.

Клупата е направена од рециклирани материјали, исто како што за текстилната индустрија е карактеристично користењето на истите. Според уметникот, Андреј Миновски, сите уметнички инсталации се направени со мотив градот да биде препознатлив.

„Клупата значи потреба за одмор, клупата значи дека секој има право да одмори. Меѓутоа, клупата, конецот, иглата, сето она што го претставува Штип е вредно да се репрезентира во градот“, истакна уметникот Андреј Миновски.

klupa nastan

Изработката на уметничкото дело „Работничка клупа“ е потпомогнато од штипските ЈП „Стипион“ и „Исар“, а во соработка со Локалната самоуправа. Градоначалникот Иван Јорданов ја поздрави идејата за Текстилијада и најави понатамошна соработка за развој и подобрување на условите во текстилната индустрија.

„Навистина ми е драго што Текстилијада прераснува во бренд на Штип, благодарение на „Гласен Текстилец“. Преку нивниот активизам гласно се коментираат состојбите во текстилната индустрија, затоа што преку оваа индустрија е доведен во прашање и развојот на економијата во градот“, истакна Јорданов.

Инаку, ова не е прво поврзување на уметноста и борбата за работнички права. Шивачката игла во населбата Осми ноември беше поставена во рамките на 3. Текстилијада, а магичниот конец пред две години, на 4. Текстилијада.

Извор: М-нет