Колумни

Работниците треба да бидат еден од приоритетите на следната Влада

Многумина работници - Работник
157views

Пред да се направи Влада, дел од луѓето се еуфорични и оптимистични, надевајќи дека ќе се смени нешто, но набрзо сфаќаат дека нема да видат никаква промена. Впрочем, сите политички партии даваат предизборни ветувања, но за жал, мал дел од нив остваруваат. Мене баш ме интересира што оваа Влада ќе направи за работниците, во приватниот, но и јавниот сектор. Сега, кога има претставници на работниците во Владата, ќе биде подобро, но како гласи онаа позната поговорка – „Една птица не ја краси пролетта“, во овој случај се двајца, но реално гледано тие не можат многу нешто да направат и да сакаат. Да не бидам погрешно сфатен, јас не сум поддржувач на партија, туку пратениците од Левица ги нагласувам, бидејќи тие имаа конкретни предлози со кои би се подобриле работничките права. Се надевам дека ќе поднесуваат иницијативи кои ќе бидат прифатени од другите пратеници, но останува да видиме.

Се надевам и дека ќе започнат да се решаваат и проблемите на работниците кои ги имаат најголемите маки, а тоа се вработените во приватниот сектор. Тие во последниот период беа многу изиграни од алчноста на газдите, кои државната помош што ја земаа од државата, наместо да им ја дадат на работниците, си ја ставаа во своите џебови. Но, веќе е доцна да се зборува за ова, тие веќе од страв дека може кривично да одговараат, им ги имаат исплатено минималните плати на работниците. Сметам дека идната Влада треба добро да размисли за следната државна помош и да изнајде механизми преку кои ќе се погрижи парите да не завршат повторно кај газдите или да не им текне на газдите да им исплатат на работниците помала плата од минималната, што беше случај кога се доделија првите субвенции за исплата на минималната плата.

Моите очекувања се дека Владата ќе биде иницијатор за зголемување на платите во приватниот и јавниот сектор. Со овој потег би се зголемил стандардот на работниците, а со тоа би можеле да живеат, а не да преживуваат. 

Очекувам од Владата и надлежните органи да се погрижат за тоа да се почитува Законот за работни односи, а се надевам дека и истиот ќе се измени, односно дека ќе се изменат оние членови од ЗРО кои не содејствуваат со работничките права.

Исто така се надевам дека ќе се почитуваат конвенциите и препораките на Меѓународната организација на трудот, кои Македонија ги има ратификувано, односно имплементирано во трудовата регулатива. Тука морам да нагласам дека Владата потребно е да ја ратификува и Конвенцијата  за заштита  и здравје во градежништвото, бр. 167 од  1988 година. Она што треба да дополнително да се направи е со ЗРО да се утврди дека треба да се почитуваат Колективните договори и истите во целост практично да се реализираат. Ова го велам бидејќи Колективниот договор за култура, односно одредбите 65 и 66 коишто се однесуваат на исплаќање на плати според ново утврдени коефициенти кои ги договорија СОНК, СКРМ и Министерството за култура, а техничката Влада без да се консултира со синдикатите го одложи имплементирањето на овие одредби до крајот на годината. Да не зборуваме за колективните договори во приватниот сектор, каде мал дел од нив се почитуваат. Според мене, особено не се почитуваат одредбите за заштита и здравје при работа.

Моите очекувања се и дека Владата ќе биде иницијатор колективното преговарање да биде клучна алатка за решавање на проблемите во областа на трудот. За тоа дека колективното договарање треба прво да се земе во предвид кога се работи за работничките права, апелираат и МОТ, но и европските и светските синдикати. Така да сметам дека надлежните институции под раководство на Владата ќе вложат ресурси и време за да поработат на оваа проблематика. Од големо значење е и социјалниот дијалог, кој во изминатите години не беше на високо ниво, конечно да се унапреди и Владата да биде социјален партнер со сите чинители во областа на трудот.

Она што исто така сметам дека е од голема важност – работата од дома. Преку трудовата регулатива да се изнајдат решенија преку кои ќе се регулира работата од дома, се разбира според македонска мера, а не преку имплементација на регулативи од европски држави. Пандемијата ни покажа дека треба да бидеме флексибилни, па онаму каде што постои таа можност, сметам дека треба да се имплементира овој начин на работа, притоа истиот да биде законски регулиран, за да не биде злоупотребуван од работниците и работодавачите.

Ова се само дел од проблемите на коишто треба следната Влада да поработи. Има уште многу, но верувам дека постојат стручни луѓе кои ќе воочат што треба да се поправи. Мене ми останува само да и порачам на Владата дека време е да започне сериозно да ги сфаќа проблемите на работниците, во спротивно масовното иселување повеќе ќе се засили. Останете ми со здравје и веднаш штом се сместите на фотелјите фатете се за работа.

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник