До сегашните и идните властодршци и несудените газди: Луѓе за работа има. Да, да – од Македонија
- ИНТЕРВЈУ – Димитров: Ако се зголемат платите бизнисот ќе треба да крати од повисоките и да ги отпушта слабите работници за да ги исплати - 03/09/2024
- ИНТЕРВЈУ СО ДАНЧЕ АЗМАНОВА МИРЧЕВСКА: „Зборувањето за подобрувањето на условите за родителите не е доволно, потребно е преземање акции“ - 02/09/2024
- Прогнозата дека увезените работници ќе бегаат од Македонија се оствари, дали ќе се оствари и ова? - 03/08/2024
Колумна на Бобан М. Илијевски
Фрапантен е податокот дека над 290,000 лица во Македонија се неактивни на пазарот на труд и своите средства ги црпат од платите и пензиите на членовите од своите семејства. Интересен е и податокот дека 84,000 луѓе работат во сивата економија, но и дека 80 % од вкупно невработените не работеле подолго од една година.
Сите овие лица претставуваат еден голем предизвик за државата да ги интегрира на пазарот на труд, за што се потребни таргетирани политики и мерки. Но, некако делува дека Владата и не е нешто посебно заинтересирана да покаже политичка волја да изнајде решенија кои, од една страна ќе ги интегрираат овие лица на пазарот на труд, а од друга страна ќе му помогнат на бизнис секторот да ги добие потребните работници. Единствено нешто за што Владата има волја е да се фали дека направила нешто, да креира некакви мерки кои можеби даваат некаков резултат, но не доволен за да помогнат во справувањето со недостигот од работна сила.
Податоците кои ги наведов погоре, покажуваат дека имаме голем капацитет на домашна работна сила. Имајќи го тоа предвид, сметам дека кога креаторите на политики би се потрудиле да пронајдат начин како да ги вклучат овие луѓе на пазарот на труд, ќе нема потреба да се увезуваат работници. Да не бидам погрешно сфатен, немаме ништо против тоа странци да работат во Македонија, но сметам дека прво можност треба да им се даде на нашите, домашни работници.
Нема да биде на одмет, Владата да преземе и малку порадикални мерки, кои повеќе би ги стимулирале луѓето кои се надвор од работната сила, за да станат дел од неа. И повторно, да не бидам погрешно сфатен, еве на што мислам: Германија, која важи за демократска европска земја има еден многу добар систем за невработените.
Имено, кога одреден работник ќе остане без работа, државата му овозможува три месеци паричен надоместок, а Агенцијата за вработување му бара работа, согласно неговите квалификации. Доколку не успее во тие три месеци да му најде работа, паричната помош му се продолжува уште, чинам беа, три месеци, притоа државата го обврзува да се преквалификува за работна позиција каде што има дефицит на кадар. Ако работникот не го направи тоа во поставениот рок, државата ја прекинува паричната помош. Ете, на таков радикален систем мислам. Германски. Таков треба да се воведе и кај нас. Но, нашите ни властодршци не би се нафатиле да го направат тоа. Зошто ќе прашате? Па, затоа што се плашат дека ќе ја изгубат власта, со оглед на тоа што ваквите мерки би наишле на неодобрување од страна на одредени поединци во општеството. Но, понекогаш треба да се ризикува фотелјата за доброто на општеството.
Е сега вака. Да не бидам по трет пат погрешно сфатен, морам да објаснам дека во целиот овој процес, свој придонес треба да имаат и компаниите. Државата, од една страна треба да креира мерки кои ќе им помогнат да ја зголемат продуктивноста, а нивна должност ќе биде истите да ги применат, без притоа да наоѓаат некакви изговори. И откако ќе ги применат и ќе им помогнат да ја подобрат, да кажам, деловната состојба, да им ги зголемат платите на работниците.
Нека излезе некој од бизнис секторот и конечно нека каже кои мерки им се точно потребни, за да им се зголеми продуктивноста на трудот на компаниите. Вака не правиме ништо. Ако само цело време зборуваме дека треба да се направи ова или она за да можат да се зголемат платите, нема да постигнеме ништо. Потребно е да се дејствува во пракса. Факт е дека сѐ додека само се дебатира и не се прави ништо друго, економијата повеќе ни пропаѓа, бидејќи работниците заминуваат надвор од државата.
Ваквата статус кво ситуација на никого не му носи добро. Работниците се разочарани и несреќни, а работодавачите немаат кадар.
И да, да не заборавам. Пред некој ден, Државниот завод за статистика објави Анализа за демографските движења во Македонија, во која се констатира дека, ако продолжи да не- функционира системот во државата, до 2070 година, населението ќе се намали на 1,3 милиони. Тоа значи дека миграцијата е еден од најгорливите проблеми, а луѓето мигрираат најчесто поради економски причини. Оваа анализа е доволен показател дека работите мора да се менуваат подобро на сите полиња, вклучувајќи и на пазарот на труд кое е едно од најважните полиња или ако сакате области во една држава. Таа е предуслов Македонија да има функционална и конкурентна економија. Без работници, нема ниту држава.