Работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци

Здравствени прегледи за вработените
Сите сме свесни дека здравјето е најважно од се. Токму затоа од голема важност е работодавачите да посветуваат должно внимание на здравјето на своите вработени. За тоа говори и самиот Закон за безбедност и здравје при работа кој ја предвидува обврската на работодавачите да обезбедат лекарски прегледи за своите вработени.
Работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месецa. Видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи на предлог на министерот надлежен за работите од областа на трудот, по претходно мислење од министерот надлежен за работите од областа на здравството, ги уредува Владата на Република Македонија. Висината на трошоците за здравствените прегледи, која ќе се определи во ценовникот, се утврдува врз основа на видот, начинот и обемот на вршење на здравствените прегледи.
Овластената здравствена установа е должна да ги врши здравствените прегледи согласно со стандардниот минимум кој е задолжителен за сите систематски, претходни, насочени и периодични прегледи, кој се состои од: анамнестички податоци, статус по системи и антропометрија, основни лабораториски анализи и тоа седиментација, крвна слика, испитување на функцијата на видот, аудиометрија, спирометрија, ЕКГ.
Во зависност од процената на ризикот на работното место и карактеристиките на дефинираните професионални штетности и опасности покрај стандардниот минимум се вршат и дополнителни прегледи.
Тимот на Јуридика