Останато

Што им е поважно на нашите работодавачи при вработувањето на кандидати – ПРАКСА или „СИТЕ ПЕТКИ“ на училиште?

„Балансот меѓу овие два процеси на образование и собирање на искуство покажува колку кандидатот знае да балансира, менаџира со времето и соодветно приоретизира активности во различни моменти“.


Просекот на училиште или искуството стекнато преку пракса/волонтерска работа? Што им е поважно на работодавачите?

Благоја Грозданов, Оперативен директор на „Конто Профит“, компанија за сметководствени и консултантски услуги смета дека ова е навистина комплексно прашање.

Фото: Алсат – М

Според него, формалното образование и вонредните активности не се замена едно за друго. Тие, како што вели, се взаемни процеси.

Балансот меѓу овие два процеси на образование и собирање на искуство покажува колку кандидатот знае да балансира, менаџира со времето и соодветно приоретизира активности во различни моменти – вели Грозданов.

Формалното образование, објасни нашиот соговорник, е показател за тоа колкави се способностите на кандидатот да стекне знаења.

Нема да откријам тајна ако кажам дека образовниот процес кај нас, во најголем број на професии, не е ни оддалеку соодветно структуриран да даде практично применливи вештини кои ќе ја зголемат ‘вработливоста’ на кандидатите – истакна Грозданов, додавајќи дека тука најголема улога играат вонредните активности, како праксата/волонтерската работа.

Грозданов потенцираше дека за да се стекнат вештини потребни се вмрежување и комуникација, како со врсниците, така и со поединци кои имаат искуство во одредена област. Ова, како што вели, влијае и на начинот на кој работодавачите ги гледаат кандидатите.

Преку учеството во вонредни активности, кандидатите им покажуваат на работодавачите дека се проактивни и дека имаат интерес да стекнуваат нови знаења без да чекаат некој да им ги пружи, порача Грозданов.

Забележа дека постои и ризик од тоа вонредните активности да им станат поважни од формалното образование, што, според него, може негативно да се одрази.

Мора да напоменам дека секогаш постои ризик, формалното образование да ‘падне жртва’ на ваквите активности, што секако е замка која треба да се избегне. Таквиот развој на настаните може да има контраефект врз перцепцијата на потенцијалните работодавачи и да остави впечаток на неможност да се довршат работите до крај – вели Грозданов.

Ги советува луѓето да имаат јасна цел пред себе и да не го одвлекуваат вниманието од истата. Нагласи дека потребно е и визија за тоа каде се гледа еден човек по одреден временски период.

Осврнувајќи се повторно на вонредните или дополнителни активности, наведе дека тие, покрај тоа што ја прават побогата биографијата, овозможуваат и совладување на нови практични вештини, а воедно и го градат карактерот на еден поединец.

Тие треба да се комплементарни со главната цел – стекнување на формално образование. Вистинскиот баланс е оној со кој се постигнува синергија меѓу двете – појасни Грозданов.

 

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk