Си беше еднаш еден К-15 кој понекогаш се исплаќаше во сума од 100 денари, некогаш целосно, но беше баран назад – Позната Ви е приказната?

Автор: Бобан Илијевски

Кога ќе ги прашате работниците, дали им исплатиле регрес за годишен одмор, најчестиот одговор кој можете да го добиете е полн со резигнираност и најчесто е во форма на негација.

Ова самото по себе покажува дека дел од работодавачите сѐ уште не се освестени и дека сѐ уште не им текнува оти со нивните (не)постапки само продолжуваат да ги бркаат работниците.

Газдите, оние кои не го ценат работникот како битие кое има свое достоинство и морал, туку го гледаат како нивен слуга, на ова ќе речат дека доволно е што им исплаќаат плата и дека неблагодарно е да бараат да им се исплати регрес за годишен одмор во време кога владее криза. А за нив, секогаш е криза. Ама криза е само кога треба да им го дадат на работниците она што им следува, но не е криза кога ќе треба да си купат нов џип или нова вила. Немам ништо против тоа, но имам против омаловажувањето и експлоатацијата на работниците и нивните уставно – законски загарантирани права.

Со оглед на тоа дека во ова писание главен акцент е ставен на регресот за годишен одмор, морам да потенцирам дека поголема бројка на газди и претходната 2022 година ја направиле онаа „дубара“ која знаат често да ја направат – им исплатиле К-15 на вработените, па потоа им ги побарале парите назад. Во оваа ситуација, човек логично е да помисли дека на оние работници кои одбиле да им ги вратат назад, им се заканиле со отказ.

Во голема бројка се и оние газди кои им исплатиле помал износ од предвидениот кој во 2022 година изнесуваше 12,740 денари. На некои вработени им биле исплатени 100 денари (како во некои агенции за обезбедување), а на некои 500…

На вработените во „Македонска Пошта“ им биле исплатени 9,000 денари К-15, а причината за тоа е Колективниот договор каде се предвидува износот на К-15 да биде 25 % од просечната плата. Зошто е тоа така, треба да кажат оние коишто го потпишале. Повеќе за проблемите во Пошта во некоја следна прилика.

Во приватниот сектор, каде што со Спогодбата потпишана помеѓу Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија е предвидено работодавачите кои имале финансиски проблеми да исплатат помала сума од предвидената, но во претходна консултација со синдикатот, доколку го има, а доколку не со претставник на работниците, најмногу се прекршува ова право.

Факт е дека најчесто во приватните фирми нема синдикат, па дел од работодавачите си имаат воведено пракса некој на нив подобен работник да им даде согласност да исплатат помал регрес од предвидениот.

Да не зборуваме за тоа дека во една фабрика во Скопје, еднаш во 2020 година беше еден синдикат којшто потпиша Спогодба која предвидувала на вработените да не им се исплати воопшто К-15. Да не интервенирал „Гласен Текстилец“ и да  не пријавел во Државниот Инспекторат за труд кој ја поништил таа „Спогодба“, сигурно вработените немало воопшто да земат К-15.

Инаку, Гласен Текстилец и правни експерти оваа година планираат да покренат иницијатива пред Уставниот суд за тоа колку колективните договори во државните институции, општините, но и во реалниот сектор се еднакви и имаат иста примена за сите работници.

Според Кристина Ампева, претседателка на Гласен Текстилец, „кога ќе се види Колективниот договор за приватниот сектор законски е што работадавачите исплаќаат К -15 од 100 денари“.

Ампева сака да каже дека во суштина Колективниот договор за приватен сектор им овозможува на работниците да исплатат помала сума на К-15, што во пракса се покажува дека е точно.

За на крај, би сакал да нагласам дека порталот Работник, во моментов спроведува една кратка анкета токму во насока на тоа дали на работниците им бил исплатен К-15? Дали им бил побаран назад или им била исплатена помала сума? Досегашните резултати кажуваат доста, но за нив во друга прилика.

Фото: Canva