КолумниНовости

Стравот и срамот ги држат работничките во „заробеништво“

   Време за читање 4 минути

*Аудио верзијата е на крајот на колумната

Автор: Бобан М. Илијевски

Вообичаено само на 8-ми март – Меѓународниот ден на жената се зборува за проблемите со кои се соочуваат жените во разни сфери од општеството, вклучувајќи и на работните места. Сепак, посветувањето на внимание на проблемите со кои се соочуваат жените само за време на еден од 365 дена во годината, според моја проценка, воопшто не е доволно. Ова го сметам од проста причина што кај нас во еден ден се случуваат толку многу работи кои другите (кои ги сметаат за поневажни, а се и тоа како важни) ги ставаат под тепих. Политичките случувања, на пример, имаат многу поголема предност пред правата на работниците или во случајот – правата на жените работнички.

Затоа сметам дека мора почесто да се зборува и пишува за овој проблем. Свесен за ова, решив и денешниот ден – 9 март, да го посветам на жените работнички.

На 6 март бев на една Конференција на тема „Вознемирување на работно место и родова еднаквост“. На истата се презентираше едно истражување кое го привлече моето внимание, па решив истото да го споделам со вас.

Имено, станува збор за истражување спроведено од страна на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување „МИР“, кое е направено за потребите на темата „Пристојна работа за жените работнички во Македонија“. Целни групи на ова истражување се жените работнички од различни сектори, граѓанските организации на жени и актерите во социјалниот дијалог за пристојна работа (синдикати, организации на работодавачи, креатори на политики итн.). Во истото свое учество има и Здружението на бизнис жени на Македонија.

Психичко вознемирување на жените работнички

Според анкетата којашто е спроведена во рамките на проектот кој е започнат од 01.02.2023 година, 27 % од испитаничките истакнале дека имаат доживеано психичко вознемирување, во најголем број од случаите од страна на претпоставени. Фрапантно е сознанието дека на прашањето „Дали го пријавивте тој настан некаде?“, 80 % одговориле дека не пријавиле. Прашани за тоа зошто не пријавиле, 68 % одговориле дека сметаат оти пријавувањето немало да има ефект, 24 % рекле дека не можеле да проценат дали настанот ги надминал дозволените (морални/етички) граници, 22 % дека им било страв да пријават, на 13 % им било срам да пријават, а исто така 13 %, не знаеле каде да пријават.

Физичко вознемирување

Само 1 % од анкетираните одговориле дека биле физички малтретирани на работното место. Ниту една од испитаничките го нема официјално пријавено настанот. И покрај тоа што жените трпат сексуално вознемирување и физичко малтретирање, најголемиот дел од нив тоа не го пријавуваат.

На прашањето зошто не пријавиле, најголемиот дел или 40 % од испитаничките рекле дека им било срам да пријават, на 20 % им било страв да пријават, а исто толкав процент  одговориле дека не можеле да проценат дали настанот ги надминува (моралните/етичките) граници.

Кога станува збор за физичко малтретирање, не постојат никакви морални или етички граници. Никој нема право да крене рака врз некој друг. Доколку дојде до тоа, истото мора веднаш да се пријави.

Ова истражување го потврдува она што многумина од познавачите и експертите го велат – свеста сѐ уште е многу мала и мора да се работи напорно за истата постојано да се крева.

Фото: JASON BUTCHER—GETTY IMAGES

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *