ЕкономијаМакедонија

УЈП објави резултати за 2025 година: над 6.300 контроли и 120 „запечатени“ објекти

Управата за јавни приходи (УЈП) објави резултати од контролите за фискализација спроведени во текот на 2025 година, со порака „Стоп на нерегистриран промет“. Информациите беа објавени на официјалниот профил на институцијата на LinkedIn.

Според објавата на УЈП, во текот на 2025 година институцијата го насочила фокусот на контролите кон угостителството, трговијата на мало и услужните дејности. Вкупно биле извршени 6.342 контроли за фискализација, при што кај секоја четврта контрола биле утврдени неправилности.

По региони, извршени се 1.362 контроли во Скопје, од кои 389 со неправилности, 1.063 во Битола (300 неправилности), 662 во Прилеп (173 неправилности), 667 во Струмица (170 неправилности), 1.427 во Тетово (411 неправилности) и 1.152 во Штип, од кои 279 контроли завршиле со констатирани неправилности.

За утврдените прекршувања биле изречени 3.200 глоби во вкупен износ од 1,4 милиони евра, покренати се 18 прекршочни постапки, а 120 објекти биле „запечатени“. Од нив, 28 се во Скопје, 36 во Битола, 13 во Прилеп, 9 во Струмица, 21 во Тетово и 13 во Штип.

Во објавата на LinkedIn, УЈП наведува дека новиот пристап во справувањето со нерегистрираниот промет се базира на комбинација од информирање, превенција, советодавна поддршка и таргетирани контроли. Во таа насока, реализирани биле 4.200 советодавни посети на даночни обврзници со цел усогласување на нивното работење со законските обврски.

Од институцијата посочуваат дека анализите на податоците од системот ГПРС и теренските активности укажуваат на повеќе ризици, меѓу кои фискални уреди кои не се на пријавената адреса, прекини во работењето на фискалните уреди, уреди без пломба и сервисна лепенка, неуплатен дневен промет во банка, неправилна примена на ДДВ стапки, како и континуирано низок или идентичен промет.

Од Управата за јавни приходи најавуваат дека во 2026 година ќе следуваат нови мерки и цели во борбата против нерегистрираниот промет.