Феномен од држава: Мораш да протестираш за да ги добиеш основните работнички права

Автор: Бобан Илијевски

Голем срам доживеавме овие неколку дена. Жителите на Скопје останаа без јавен превоз поради негрижата од страна на надлежните да им ги исплатат платите на возачите во ЈСП кои ги имаат заработено преку макотрпна работа.

И како и секогаш – мораше да протестираат за да го добијат она што им следува. Оваа држава е вистински феномен. Никогаш работите не можат да се средат со добро. Мораме да штрајкуваме и протестираме за нашите основни работнички права.

Зошто е тоа така?

Зарем уште спијат на увото дека се може да им пројде без да има реакција?

Не, повеќе ништо не е исто. Сега, повеќе од кога и да било, работниците земаат сѐ поголем замав во борбата за остварување на своите работнички права.

Нешто слушнав дека планирале да го тужат синдикатот за тоа што излегол да штрајкува без штрајкувачки одбор. Нели е срамота? Два месеци не им имавте исплатено плата, па уште се буните зошто луѓето биле без штрајкувачи одбор. Па нормално да го блокираат. Одите вие и живејте без пари во ек на ценовна криза. Без пари не може да се живее кога нема криза, а камо ли во ова време-невреме.

Се обраќам на сите политички фактори во државата – да знаете дека младите гледаат се што правите. Со вашите потези, само повеќе им докажувате дека нема убава иднина во оваа држава.

Знам дека играте на картата: „Се ќе се заборави за два-три дена“, но младите имаат многу поголемо памтење отколку што вие мислите.

Не знам до каде планирате вака? Можеби се до тој момент кога во Македонија ќе останат само пензионерите и вашите партиски полтрони.

Сега знам дека некој обожавател на раководството во градот Скопје ќе рече: „Зошто ги критикуваш толку, ете најдоа пари“. А што треба, да ги пофалам? Па, обврска им е да обезбедат средства за своите вработени. Тие пари не ги даваат бидејќи така им е ќеиф, туку поради тоа што имаат законска обврска.

И вработените во Пошта немаат земено плата. Велат дека доколку не им биде исплатена септемвриската, во вторник ќе протестираат пред Влада.

И на што укажува целата ситуација?

Да не заборавам тука да ги споменам и оние кои се вработени во приватниот сектор, а кои голем број од нив постојано се соочуваат со слични проблеми. Нив им е уште потешко, бидејќи најголемиот дел немаат ниту синдикат да го искаже револтот.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.