Чаусидис: Новинари добиваа откази преку СМС пораки – ситуацијата во медиумите беше страшна
Разговараше: Бобан Илијевски
Интервју со еден од основачите и прва претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, во кое зборува за почетоците на синдикалното организирање на новинарите и медиумските работници, кои биле најгорчливите проблеми на истите, како и на други теми поврзани со медиумските работници. Таа со Порталот Работник сподели и свои ставови за актуелната состојба во професијата.
Повеќе прочитајте во целосното интервју:
Работник: Кога започна синдикалното организирање на новинарите и медиумските работници?
Чаусидис: Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е основан во ноември 2010 година и практично веќе 11 години постои. Инаку на неговото формирање и регистрирање претстоеше една зголемена активност на новинарите и медиумските работници која започна некаде есента 2010 со избор на новото раководство на Здружението на новинари на Македонија и со иницијативата за формирање на синдикатот. Овие две работи беа дел од т.н. „Прво новинарско востание“, а тоа беше една неформална група на колеги која се обиде да направи промена и да го факторизира еснафското здружение, како и синдикално да ја организира медиумската заедница.
Работник: Дали новинарите и медиумските работници беа дел од некој синдикат пред да се формира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници?
Чаусидис: Ние кога започнавме имавме прилично специфичен нестандарден статус. Се формиравме како гранков синдикат во којшто членуваат синдикални групи, а не класични синдикални организации со целосна структура, затоа што во голем дел од медиумите во тоа време, а за жал некаде се‘ уште е тоа така, организирањето на синдикат беше сметано како непријателска активност кон газдата и беше забрането. Поради тоа што имавме тајни членови не можеше да се организира синдикат на гранково ниво, па од тие причини синдикатот е формиран со Статут што предвидуваше синдикални групи, наместо синдикални организации, на ниво на работодавач и овие синдикални групи можеа да бидат составени од по само тројца членови. На овој начин ние баравме поголемо присуство во голем дел од медиумите каде што синдикатите беа забранети. Освен синдикатот на Утрински весник, во тоа време во сопственост на Медиа принт, којшто беше дел од ГИФИК (Грански синдикат на графички работници при ССМ) кој излезе од тој синдикат и се приклучи на ССНМ, сите други беа синдикални групи кои често беа тајни. Кај оние што не беа тајни имавме синдикални претставници, а таму каде што беа тајни, ние знаевме практично што се случува, зборувавме на прес – конференции и преку соопштенија, но не можевме правно и синдикално да ги застапуваме членовите.
Работник: Каква беше состојбата со работничките права на новинарите и медиумските работници на почетоците од синдикалното организирање на новинарите и медиумските работници во Македонија?
Чаусидис: Со самото тоа што зборувам дека во голем број на медиуми, синдикалното организирање беше забрането, можеби не формално, но дефакто тоа уставно право на луѓето им беше ускратено, кажува каква била состојбата со работничките права во медиумите во тоа време. На пример, најголем проблем беше работењето на црно. Луѓето немаа никакви договори за вработување, ниту за хонорарно ангажирање. Просто усно ќе им било кажано, ти ќе работиш тоа и тоа; добиваа пари на рака и кога ќе му текнеше на газдата или на уредникот им испраќаа СМС порака да не идат од утре, а човекот немаше никакви права, немаше отказен рок, боледувањето беше мисловна именка, како и годишниот одмор. Ние се боревме и за тоа медиумите да започнат да го почитуваат правото на годишен одмор на вработените. Ситуацијата беше навистина многу страшна. Голем дел од тие проблеми се решени, но некои за жал се‘ уште постојат. Сега, на пример, можеби нема толку вработување на црно од овој тип за кој претходно зборував, но има вработување на три месеци, на шест месеци… И сега ако сте вие непослушен, по тие шест месеци ќе изгубите работа, а работодавачот нема никакви обврски кон Вас. Ги немате ни оние бенефити кои ги имаат луѓето вработени на неопределено коишто губат работа, така што работите не се сјајни но се поместени од онаа точка на којашто беа порано.

Работник: Кои беа најважните проблеми на новинарите, кои бараа итно решавање?
Чаусидис: Најстрашните проблеми беа работење на црно и плаќањето на рака, непочитување на никакви права од Законот за работни односи, бидејќи кога вие не сте формално вработени, вас законот не ве штити. Законот за работни односи има своја претпоставка дека човекот е вработен и кога не сте вработени вас ништо не ви следува – ниту годишен одмор, ниту боледување… Тоа беше клучниот проблем, но се разбира имаше и други проблеми – притисоци, мобинг и итн.
Работник: Колкав беше предизвикот да се формира ССНМ? Кажете ни кои беа тие предизвици?
Чаусидис: Лично ако зборувам, јас бев доста мотивирана затоа што претходно бев многу ангажирана околу почитувањето на новинарските стандарди и сум поборник за квалитетно и професионално новинарство. Мојот став беше и се‘ уште е, а тој воедно и е став на синдикатот – не може да има професионални новинари доколку тие не се третираат како професионалци. Уценет новинар, не е слободен новинар и тој не може да продуцира квалитетна содржина. Пред се, вработените се уценети на социо – економска основа. Ако вие имате дома деца и кредит за кола или сте под кирија и уредникот ви вели нема да ја прашаш втората страна или ќе пишеш вака и вака, вие нема да прашате дали е тоа во согласност со професионалните стандарди, туку само ќе извршувате. Мојата мотивација за формирање на синдикатот беше токму тоа – да се врати достоинството на професијата. Таа да биде платена, условите за работа да бидат пристојни, за луѓето навистина да можат да ја вршат својата работа, а тоа е да го штитат јавниот интерес.
Работник: Кои беа работничките права за кои први се изборивте како синдикат?
Чаусидис: Прво за што се изборивме е фирмите да воведат формална процедура , а за ова имавме дојава од еден медиум, за годишен одмор. Јавно ги предупредивме дека треба на луѓето да им даваат годишен одмор согласно Закон, односно десетте дена кои законски им следуваа, и дека ќе викаме инспекција. Мислам дека сите медиуми тогаш започнаа тоа да го практикуваат. Сметам дека ова беше едно од првите поместувања во пракса во однос на почитувањето на Законот за работни односи. Се разбира во портфолиото на ССНМ има доста победи: водевме судски спорови, се боревме за подобрување на климата во која работат нашите членови, имаме колективен договор во МИА. Со еден збор, од ситуација во која сопствениците на медиуми воопшто немаа идеја дека кон своите вработени не можете да се однесувате како кон „закрепостени селани“, денес прашањето за работните и професионални услови во медиумите е нешто што не може да се игнорира.
Работник: Според најновата анкета на ССНМ којашто беше спроведена во октомври оваа година, 54.5 % од новинарите и медиумските работници би ја напуштиле професијата. Што Ви кажува овој податок и што би им порачале на оние кои имаат намера да ја напуштат професијата?
Чаусидис: Мислам дека тој процент не е променет. И во време додека јас бев активна, процентот беше толкав, особено кај младите. Професијата е тешка, неблагодарна, а нема ни финансиски ни општествен бенефит. Малодушноста доминира и во редакциите и во перспективата на медиумите и кај самите новинари.
Што јас би им порачала? Ако имате дилема дали треба да се бавите со новинарство, не треба да се бавите со оваа професија.
Работник: Во новинарската професија веќе подолго време има дефицит на кадар. На што според Вас се должи ова и како би можела да се промени оваа состојба, според Вас?
Чаусидис: Ова се должи на сето она што претходно го кажав. Професијата е слабо платена, тешка, одговорна бидејќи вие со неа влијаете на јавното мислење, на човечки животи и на одлуките кои се носат. Бара одговорни и целосни личности, а за возврат третманот на новинарите е под секое ниво. Јавната перцепција за новинарството и новинарите е многу лоша, така што, јас воопшто не сум изненадена што процентот на младите е се помал и помал. Зошто млад, перспективен, успешен, интелигентен човек којшто може да бира која сака професија, би одел во таа каде што ќе биде ниско платен, понижуван и потценуван. Освен тоа, новинарството како професија е доведена во прашање преку таканаречната демократизација на новите медиуми, преку социјалните мрежи, преку падот на стандардите, преку немањето на саморегулација – денеска секој може да биде новинар, впечатокот е дека е лесна работа, а таа е лесна само доколку ја работите неодговорно и непрофесионално. Во спротивно е многу тешка. Така што, ништо не ме чуди.
Јас сум од оние кои сметаат дека Иднината не е во медиумите што продаваат вести, туку во тие што продаваат објаснувања. Мислам дека новинарството како професија ќе остане во некои мали нишки кои се високо специјализирани. Мојата порака до новинарите е да ја најдат својата специјалност и да ја усовршуваат, да станат добри познавачи, затоа што тоа е иднината на сите професии, особено на новинарството.

